ноември 24, 2024

Најдобрата анкета секогаш доаѓа на денот на избори, очекувам да имаме над 61 пратеник, вели Ковачевски

СДСМ е прогресивна партија и покажа дека е фактор на стабилност и на разумот заедно со коалициските партнери во државата. Единствен кој што прави проблем во оваа држава е ВМРО-ДПМНЕ. Најдобрата анкета секогаш доаѓа на денот на избори. Очекувам на наредните парламентарни избори да имаме над 61 пратеник и ќе ја формираме новата проевропска влада, рече премиерот во оставка и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски.

Според Ковачевски, мема случај во светот каде некој да учествува во влада, а да не ја гласа таа влада.

– Има случаи каде некој не учествува во влада, а ја гласа. А ние овде ќе имаме случај каде ќе учествува и не гласа за своите министри. Во 2016 во јануари, ВМРО-ДПМНЕ предложи техничка влада со мандатар Емил Димитриев без да бидат исполнети обврските од Пржинскиот договор. Министрите ги номинираше мандатарот, тие беа предложени, меѓутоа со огледа дека не беа исполнети условите од Пржинскиот договор, министрите веднаш после тоа поднесоа оставки. Продолжија преговорите и Собранието кое што беше распуштено се конституираше повторно и потоа во септември беа предложени министри од СДСМ и тогаш беше изгласана влада во која учествуваа министри на СДСМ  и кои беа поддржани од сите политички партии кои учествуваа во таа техничка влада. Мислам дека имаше 95 гласа во тоа време таа влада, рече Ковачевски во „Само интервју“ на Телевизија Канал 5.

Тој потенцира дека тие во недела ќе гласат за предложените министри и заменици министри во техничката влада.

-СДСМ е прогресивна партија и покажа дека е фактор на стабилност и на разумот заедно со коалициските партнери во државата. Единствен кој што прави проблем во оваа држава е ВМРО-ДПМНЕ. Ние имаме предложено министри во таа техничка влада и ќе гласат. Првин комплимент е укинувањето на техничката влада да го бара опозицијата, бидејќи техничката влада е заштитен механизам за опозицијата затоа што во 2016 година изборите беа злоупотребувани од една политичка партија преку злоупотреба на институциите тоа е ВМРО-ДПМНЕ и заради тоа со меѓународно посредништво беше воведена техничка влада. Комплимент е кога опозицијата ќе каже нема потреба од техничка влада, истото и јас го кажав, меѓутоа опозицијата во овој случај ВМРО-ДПМНЕ, кои две години бараа предвремени избори, тие во ниту еден момент не го поставија барањето за укинување на техничката влада, рече премиерот во оставка Ковачевски во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничка влада непосредно пред изборите, рече тој.

Ковачевски појасни дека по лидерска средба која што беше последна лидерска средба одржана во Собранието, сите политички партии  се согласиле дека е прекраток рокот за укинување на техничката влада пред овие избори.

-Јас имам дадено изјава дека техничка влада на држава која што е земја членка на НАТО, земја која што преговара со ЕУ, земја која што претседава со ОБСЕ и земја која што од заробена држава е демократска држава, со слобода на медиуми и со демократски процеси унапредени воопшто нема таква потреба. Меѓутоа тоа не беше поставено и на крајот сите лидери на политички партии кажаа дека за овие избори таква измена не може да се направи во толку краток рок за следните избори сигурно дека ќе биде направена. Тоа се фактите кои што можам јас да ги споделам овде и кои што може да ви ги потврди било кој, посочи Ковачевски.

Ковачевски потенцира дека најдобрата анкета доаѓа на денот на избори и очекува на наредните парламентарни избори да имаат над 61 пратеник.

-Најдобрата анкета секогаш доаѓа на денот на избори. Така беше и во 2020 година кога ВМРО-ДПМНЕ покажуваше анкети на кои водат 7 проценти и на крај ги изгубија изборите. И доколку ги погледнете анкетите, граѓаните знаат да препознаат дека во нашата држава демократијата е драстично подобрена и унапредена во однос на 2016 година. Граѓаните во анкетите јасно покажуваат дека Владата има воведено правилни методологии за раст на платите и пензиите. Очекувам на наредните парламентарни избори да имаме над 61 пратеник и ќе ја формираме новата проевропска влада. СДСМ со коалициските партнери и коалициските партнери со кои ја формираат владата може да има и над 70 пратеници. Визијата за европска Македонија ја делиме сите кои сме во оваа владина коалиција, рече тој

Дали коалицијата ќе биде од традиционалните коалициски  партнери со кои СДСМ оди на избори или ќе се работи за една поширока коалиција, Ковачевски потенцира дека тоа ќе зависи од анализите кои се базираат на емпириски податоци и во однос на усогласување на програмските определби и кадровската понуда.

Read Previous

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да ги гласа уставните измени додека сум претседател

Read Next

Најмалку 20 Палестинци загинаа, а 150 се повредени во израелски напад додека чекале ред за храна