ноември 24, 2024

До 1 јули субвенции од Владата преку ЕСМ , нема зголемување на цената во првиот и вториот блок

До 1 јули ќе има субвенција од страна на Владата директно преку ЕСМ со утврдување на нивната цена со која се продава електричната енергија, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

На новинарско прашање дали Владата размислува за ревидирање на висината на субвенцијата на цената на струјата со оглед дека сега има два часа евтина струја во текот на денот, Бектеши истакна дека во одредени месеци субвенцијата ќе се зголеми, а граѓаните да бидат спокојни бидејќи ќе нема зголемување на цената за првиот и вториот блок.

Целта на воведување на дневната евтина тарифа, посочи Бектеши, беше од моментот кога имаше инвестициски бум во делот на фотонапонските централи. Во моментот кога зборуваме имаме инсталирани капацитети кои веќе произведуваат електрична енергија, а генерално во текот на денот  се произведува повеќе од 680 мегавати. Тоа значи дека од април до октомври ќе имаме вишоци во одредени часови на денот што дава можност преку конкурентност да се намали цената на производство на фотонапонски централи.

– Како Влада секако дека субвенциите ги даваме индиректно преку работењето на ЕСМ со утврдување на цената на ЕСМ која ја нуди за универзалниот снабдувач и така ќе продолжиме до средина на оваа година кога треба да се донесе и новата одлука за цената на ЕСМ која ќе ја дава до универзалниот снабдувач што е и снабдувач за сите домаќинства и мали потрошувачи. Ова значи дека до 1 јули ќе има субвенција од страна на Владата директно преку ЕСМ со утврдување на нивната цена со која се продава електричната енергија, рече Бектеши.

Како што појасни, во одредени месеци, секако субвенцијата ќе се зголеми.  – На пример во јануари, во февруари,  имаме помало производство на електрична енергија од страна на фотонапонските централи, а од април до октомври ќе се намали што на крајот на година со пресметките,  методологијата на РКЕ, ќе биде истата цена и нема да има зголемување за одредени блокови. Значи, граѓаните да бидат спокојни дека нема да има зголемување за првиот и за вториот блок. Спротивно, ќе има намалување на давачката за дистрибутивната мрежа, рече Бектеши.

Read Previous

Координација утре во Собрание за седниците за оставка и избор на техничката влада

Read Next

Просечната плата во ноември лани 38.359 денари, според ДЗС