Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вечерва во однос на тоа дали и како ќе се надоместат двата неработни дена за учениците поради одржување на изборите во среда, 24 април и 8 мај, посочи дека ќе направи целосна анализа на сите состојби, за учебната година да заврши како што е и предвидено, на 17 јуни.
Тој на гостување на телевизија „Сител“ потенцираше дека во одредени кризни и здравствени ситуации, како што беше Ковид кризата, постои простор да се одлучува за помал број на денови, без разлика што законот предвидува точен број на работни денови во училиштата.
Шаќири напомена дека доколку се донесе одлука за продолжување на учебната година, таа нема да биде добредојдена ниту за учениците ниту за наставниот кадар кој работи во основните училишта.
– Во текот на 2023 година на владина седница донесовме одлука за завршување на учебната година и за основците и за средношколците според календарот што беше објавен и во Службен весник. За првпат во нашата земја се воведе и пролетниот распуст кој во општеството беше многу добро прифатен. Кон крајот на првото полугодие имавме и редовни состаноци со Унијата на средношколците, која официјално до нас достави допис дека го прифаќа пролетниот распуст, но заради техничка изработка на документите потребни за високо образование, побара учебната година да заврши на 10 јуни, рече Шаќири.
Тој додаде дека Законот за основно образование го одредува точниот број на работни денови кои треба да ги има една учебна година, но во Законот за средно образование не е дефиниран бројот. Според постоечкиот Закон, се дава простор да се одлучува и за пократок период на реализација на работните денови, но со усогласување на учебните програми.
-Не се работи само за 8 мај, се работи и за 24 април. Тоа се денови кои поради изборите ќе влијаат на вкупната бројка на учебни денови во училиштата, но јас ќе ги направам сите анализи и ќе настојувам на тоа дека учебната година мора да заврши како што е предвидено, на 17 јунуи, рече министерот Шаќири.