Палестинското Министерство за образование соопшти дека најмалку 4.037 ученици и 209 образовен персонал се убиени од почетокот на бруталната израелска агресија врз опколениот Појас Газа на 7 октомври, известуваат светски медиуми.
Во соопштението објавено минатата недела, од министерството наведуваат дека над 7.259 ученици и 619 наставници биле повредени во опколениот појас меѓу 7 октомври и 26 декември.
Министерството и неколку невладини организации фокусирани на образованието објавија дека 352 училишта низ Појасот Газа претрпеле штета, што влијае на образованието на 400.700 ученици.
Три гувернерати – Газа, Кан Јунис и Северна Газа се силно погодени, што претставува 74 отсто од вкупната штета, а Израел е на удар на агенциите на ОН и организациите за човекови права поради „колективното казнување“ на 2,3 милиони жители на Газа.
Израел ги оправдува нападите врз училиштата, универзитетите и болниците на ОН, велејќи дека тие биле користени од страна на палестинската група на отпорот Хамас.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, постојано повикува на прекин на огнот и ја осуди страшната хуманитарна криза во Газа. Шефот на ОН се повика на членот 99 од Повелбата на ОН, потег кој има за цел формално да го предупреди Советот за безбедност за глобалната закана од израелските напади врз цивилите.