Секторот за внатрешни работи Тетово во пресрет на празниците повторно апелира до возачите да се воздржат од консумирање алкохол ако ги управуваат нивните возила, без разлика на поводот и должината на дестинацијата. На возачите им се советува и да не возат пребрзо во и надвор од населените места и целосно да се придржуваат кон сообраќајните знаци, правила и прописи.
– Ова, дотолку повеќе што деновиве на подрачјето на СВР Тетово значително зголемен е вкупниот број на возила, а со тоа и сообраќајната фреквенција на патиштата и улиците на подрачјето. Им се укажува, исто така, да внимаваат и каде и како ги паркираат возилата, посебно во централните подрачја на Тетово и Гостивар, зашто паркирањето во таканаречени „двојни редови“ во голема мерка го доведува во прашање непреченото и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот и ја забавува проточноста на сообраќајот, порача портпаролот Марјан Јосифоски.
Вчеравечер и ноќеска од 22 до 4 часот во акциска контрола на тетовско-гостиварското подрачје на возачите кои ги управуваат возилата под дејство на алкохол, откриени и санкционирани се вкупно девет прекршоци. Осум од нив биле на тетовското подрачје и еден во гостиварскиот регион.
– Осум од санкционираните возачи имале до еден и пол промили алкохол во крвта, односно организмот, а еден одбил да се алкотестира. Сите веднаш се исклучени од сообраќај и изготвени им се соодветни поднесоци со парични глоби од 225 до 375 евра во денарска противвредност. Покрај тоа, на возачите-прекршители времено им се одземени и возачките дозволи, порача Марјан Јосифоски.
При контролата, исто така, со законски предвидените поднесоци биле заокружени и девет други видови сообраќајни прекршоци.