ноември 24, 2024

Шефот на италијанската дипломатија во посета на Албанија, Италија ќе им признае пензии на Албанците

Италијанскиот министер за надворешни работи  Антонио Тајани престојува во посета на Албанија, кој најпрво се сретна со неговиот албански колега Игли Хасани а вечерва и со премиерот Еди Рама.

За средбите и двајцата објавија преку социјалните мрежи.

Рама сподели, како што ја нарекува, една добра вест, а тоа е дека се е подготвено  да го потпишат договорот за признавање на пензиите на албанските иселеници во Италија.

Според медиумите од договорот корист би имале десеттици илјади албански граѓани, кои живеат и работат во Италија.

-Кабинетот на премиерот – Со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани. И со добрата вест дека сме подготвени да го потпишеме долгоочекуваниот пензиски договор за Албанците во Италија, напиша Рама на Фејсбук.

Претходно Тајани оствари средба со колегата Хасани, кој во куса објава на платформата Х напиша дека разговарале за добрата билатерална соработка.

Тајани, додаваат медиумите,  ќе ги посети пристаништето Шенѓин за да изврши инспекција на областа каде што неговата земја предвидено е да гради прифатен центар за  имигрантите, и Ѓадр каде ќе се градат сместувачки капацитети.

Тоа врз основа на договорот потпишан од премиерите Рама и Џорџа Мелони на 6 минатиот месец.

Истиот албанскиот парламент требаше да го ратификува на понеделничка седница, но беше повлечен од дневен ред по суспензијата од страна на Уставниот суд, кој закажа расправа на 16 идниот месец.

Доколку договорот стапи во сила, ќе биде со важност од пет години, со право на продолжување а Италија ќе ја чини 650 милиони евра.

Капацитетот ќе биде 3 илјади имигранти месечно, односно 36 илјади годишно, кои,  по нивното пристигнување на италијанскиот брег ќе бидат префрлени  во Албанија, каде ќе чекаат одговор од италијанските власти  на нивните барања за азил.

Read Previous

Влада донесе одлука за прераспределба на 30 милиони денари за реконструкција на салата „Работнички“

Read Next

Советот за безбедност на ОН усвои резолуција со која се бара поголема хуманитарна помош за Газа