ноември 24, 2024

Денес ќе заседава Советот за општи работи на ЕУ, меѓу темите и заклучоците за проширувањето

Усвојувањето на заклучоците за проширувањето и процесот на стабилизација и асоцијација, за евалуација на годишниот дијалог за владеење на правото и за менаџирањето со демографските промени во Европа, ќе бидат главните теми на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК).

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според извори од Европскиот совет, во рамки на расправата за проширувањето министрите и државните секретари задолжени за европски прашања на земјите членки на ЕУ ќе решаваат и во врска со вторите меѓувладини конференција со Северна Македонија и Албанија.

На дневниот ред на заседанието на ГАК, со кое ќе претседава шпански државен секретар за Европската Унија, Пасквал Игнасио Наваро Риос, ќе бидат и подготовките за Самитот на ЕУ што ќе се одржи в четврток и петок, преговорите за договорите за асоцијација со Андора и Сан Марино, предлогот на Шпанија за измена на Регулативата 1/1958 на Унијата со што каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик би биле признати како службени јазици во Унијата, како и дебатата за Конференцијата за иднината на Европа.

Дополнително, предвидено е актуелното шпанското и следното белгиско претседателство со ЕУ да го претстават патоказот за активностите на европските институции за 2024 година.

Заседанието на Советот за општи работи се одржува еден ден пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој се очекува да биде пренесена пораката дека проширувањето претставува инвестиција во мирот и ќе се афирмира определбата за поголема интеграција на земјите кандидатите за пристапување во Унијата, со што тие и нивните граѓани би ги почувствуваат придобивките од членството уште пред полноправното зачленување во блокот.

Read Previous

Ковачевски: Обврска на сите политички партии е да учествуваат во техничката влада и да делегираат свои претставници

Read Next

Зеленски оди во Конгресот и во Белата куќа за да изврши притисок за поголема американска воена помош во борбата против руската инвазија