ноември 23, 2024

Нови случаи на труења со газирани пијалаци во Хрватска

Неколку лица завршија во болница во Хрватска поради сомневање за труење со газирани пијалоци. Засега е потврдено дека само два случаи се поврзани со консумирање газирани пијалоци, еден во Загреб и еден во Риека.

Според пишувањата во хрватските медиуми денеска има шест нови сомнителни случаи, но никој не е хоспитализиран.

Хрватскиот институт за јавно здравје (ХЗЈЗ) добил мостри од безалкохолни пијалоци кои биле доставени од Санитарната инспекција по извршениот увид во кафуле во Риека каде неодамна му се слошило на едно лице, а резултатите од анализата ќе бидат доставени до Државниот инспекторат.

„Станува збор за два композитни примероци составени од 16 шишиња, вкупно осум литри течност“, потврди директорот на ХЗЈЗ, Крунослав Чапак.

Според него веројатно се работи за некои корозивни средства, а најважно е да се види дали има туѓи елементи во тој пијалок, бидејќи, како што вели, самиот пијалок и целата содржина внатре не можат да предизвикаат такви повреди.

Според докторите од Клиничкиот центар во Загреб вчера биле прегледани шест пациенти со можни последици од конзумирање газирани пијалоци, а некои од нив имаат повреди на хранопроводот.

Министерот за здравство Вили Берош, утринава за Н1, изјави дека денеска има „малку повеќе пациенти“.

Read Previous

Во кои земји можете да одите во затвор за носење лажни дизајнерски чанти

Read Next

Не заборавајте, од утре стапува на сила задолжителна правило во сообраќајот, полицијата ќе казнува!