ноември 24, 2024

Евроамбасадорот Гир вели дека Извештајот е многу искрен за областите каде што нема напредок

– „Иако во Извештајот се нагласуваат некои области на напредок, исто така, многу е искрен и за оние области каде што нема напредок или има ограничен напредок“, рече шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на заедничката прес-конференција со шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир, изнесоа ставови по повод објавувањето на Извештајот на Европската комисија, јавува Анадолу.

Вицепремиерот Маричиќ во својот говор рече дека Извештајот даде објективен пресек на состојбите и напредокот во реформите и ги идентификува областите каде што треба да се зголемуваат напорите.

Тој нагласи дека земјата има прогрес во голем дел од поглавјата, а нема назадување во ниту едно поглавје.

„Секако дека ги прифаќаме укажувањата во Извештајот и ги сметаме за важен показател за она што се случува и за она што треба да го правиме. Но одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Северна Македонија во ЕУ го става во неизвесност и реформскиот процес”, рече Маричиќ.

Евроамбасадорот Гир рече дека Извештајот доаѓа во многу важен момент за проширувањето на ЕУ, кога постои разбирање дека проширувањето е од заеднички интерес, особено по руската инвазија врз Украина.

„Иако во Извештајот се нагласуваат некои области на напредок, исто така, е многу искрен и за оние области каде што нема напредок или има ограничен напредок, особено во оние области за кои сметаме дека се толку важни што ги опишуваме како основи во процесот на пристапни преговори, како на пример владеењето на правото, борбата против корупцијата, јавната администрација, реформите, основните човекови права. Мислам дека Извештајот е искрен, но фер”, рече Гир.

Тој додаде дека во Извештајот се наведува дека не е забележан напредок во владеењето на правото и борбата против корупцијата, а забележан е ограничен напредок во јавната администрација.

Гир додаде дека напредок е забележан во заложбите за стекнување државјанство на сите лица без државјанство, борбата против организираниот криминал, справувањето со миграцијата, економските и монетарните политики, како и надворешната и безбедносната политика.

Тој, исто така, зборуваше и за предложениот план за раст на економиите од Западен Балкан, за кој рече дека е голем поттик за подобрување на економските и социјалните услови во земјата и регионот.

AA

Read Previous

Премиерот Ковачевски учествува на 6-от Париски мировен форум

Read Next

Гаши остана со пратеник помалку, Исмаили формира фракција