ноември 23, 2024

Месиќ: Македонија одамна мораше да биде членка на ЕУ

Сите земји од Западен Балкан се на непотребно долг пат кон членството во Европската унија. Македонија веќе одамна мораше да биде членка на Унијата и затоа  ја повикувам претседателката на Европската комисија да стори се со цел кон Унијата што побрзо да и се придружат земјите од Западен Балкан и да покаже повеќе емпатија за граѓаните и граѓанките во овој дел од светот. Видовме од примерот со Украина дека патот кон Европа мора да биде и побрз.

Тоа го порача поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, кој денеска со претседателот Стево Пендаровски учествува на Македонскиот енергетски форум 2023, споделувајќи ставови за енергетските и политичките состојби и предизвици за државава и регионот.

Според Месиќ, наједноставната порака за државава е да се исполнат стандардите и условите од Европската унија, за да се забрза зачленувањето во ЕУ.

Сегашната Европа во ЕУ, оцени тој, е малку уморна од здружувања, а земјите кои не се влезени во ЕУ се уморни од чекање.

– Атрактивноста на ЕУ помалку избледнува и тоа не е добро, бидејќи творците на ЕУ беа лидери и знаеја што сакаат. Денес, мора да ми простите, но не гледам вистински лидери, ниту во Европа, ниту во светот, тоа се бирократи во Брисел со големи плати, но не гледам резултати. Наместо да се забрза влезот на земјите кои чекаат и да им се помогне што побрзо да влезат во ЕУ се губи атрактивноста, рече Месиќ.

Творците на ЕУ, потсети тој, замислиле цела Европа да се здружи, да се отворат границите и да соработува меѓу себе, со што би се исклучува војната како политичко средство.

– Денешното раководство на ЕУ малку го забавува, наместо да го забрза влезот на другиот дел од ЕУ, за Европа да стане континент на мир и соработка. Треба да се забрза влезот во ЕУ. Европа ќе стане голем играч само ако е здружена и што е најважно тоа ќе биде континент на мирот. Дали се за тоа свесни тие што во Брисел и надвор од Брисел е друго прашање, но според она што се презема јас немам чувство дека  некој размислува за тоа, посочи Месиќ.

Посочувајќи дека геополитичката криза ја продлабочи енергетската криза, поранешниот хрватски претседател рече дека се донесуваат тешки одлуки и членките на Унијата се подготвуваат за некое ново време.

– Јас навистина ја поддржувам европската независност на енергијата, но начинот на кој таа сега се гради и убиецот на геополитиката, ја става Европа во позиција на некоја нова енергетска зависност со таа разлика што некои енергенси сега ги плаќаме четири пати поскапо. Тоа не е долгорочно решение и е закана за глобалната конкурентност на ЕУ. Разбирам дека Унијата мора да биде амбициозна во решавањето на прашањата за енергетска независност и дека секоја земја мора да ја одигра својата улога, но мора да биде и флексибилна, бидејќи различни земји имаат и различни енергетски околности и економска вистина. Ниедна земја во нашиот регион не би смеела да биде жртва на таа нова политика на енергетска независност која ја води Брисел, ниту сега ниту во следните 10 години, рече Месиќ.

Според него,  Европската унија треба да препознае дека оваа транзиција создава нови проблеми и нова сиромаштија на ранливите европски земји во ЈИЕ и оти мора да прифати и своја одговорност. Унијата би морала на земјите од ЈИЕ да им осигура еднаква и долгорочна помош на сите облици прилагодени на нашиот регион за нова енергетска независност.  На тоа треба да се гледа првенствено како на вложување во економската стабилност во овој дел од Европа кое Брисел не знам од кои причини го гледа како простор од втора класа на геополитичка важност за својата стабилност. Тоа е погрешна хиерархија, наведе Месиќ.

Фокусот на шестото издание на МЕФ е зелената транзиција и енергетската отпорност.

Read Previous

Премиерот Ковачевски на Безбедносниот форум на Глобсек 2023 во Братислава

Read Next

Ковачевски на Глобсек форумот во Братислава: Обединета Европа е единствениот одговор за справување со кризите и предизвиците