ноември 23, 2024

Првиот турски бренд на електрично возило ТОГГ прими 177.467 преднарачки

Компанијата ќе испорача 20.000 модели од типот T10X во текот на оваа година, а извлекувањето ќе се одржи в среда, за да се одреди кој ќе ги добие првите 20.000 електрични автомобили

Првиот турски бренд на електричен автомобил „Тогг“ прими 177.467 преднарачки за моделот T10X во изминатите 12 дена, јавува Анадолу.

Преднарачките за овој автомобил започнаа на 16 март и завршија во понеделникот.

Компанијата ќе испорача 20.000 модели од типот T10X во текот на оваа година, а извлекувањето ќе се одржи в среда, за да се одреди кој ќе ги добие првите 20.000 електрични автомобили.

Првенствено компанијата најави дека во 2023 година ќе бидат испорачани 12.000 возила, но по големата побарувачка, оваа бројка е зголемена на 20.000 автомобили.

Цената на стандардниот модел T10X се движи од 953.000 турски лири (околу 46.000 евра) до 1.055.000 лири (околу 50.900 евра), додека цената на моделот „long-range“ изнесува 1.215.000 лири (околу 58.600 евра).

Со двете различни опции на батерии за моделот T10X со снага од 160 kW (218 коњски сили) со погон на задните тркала, клиентите можат да бираат меѓу возила со максимален опсег од 314 или 523 километри.

Првата верзија на T10X може да забрза од 0 до 100 km/h за 7,6 секунди, додека втората верзија, чија испорака ќе започне на 29 октомври, може да забрза од 0 до 100 km/h за 4,8 секунди.

Втората верзија има погон на сите тркала, со моќност од 320 kW (435 коњски сили).

Батериите за возилото „Тогг T10X“ можат да се наполнат од 20 % на 80 % за помалку од 28 минути на станиците за брзо полнење.

Клиентите можат да бираат и меѓу 6 различни бои на електричното возило Тогг.

AA

Read Previous

Министрите за надворешни работи на Туркије и Финска разговараа телефонски

Read Next

Ковачевски – Брнабиќ: Србија ќе се приклучи кон интерконекторот Северна Македонија-Грција