Студентите најавуваат масовни протести и блокади на Скопје. Револтирани од односот на Министерството за образование и наука (МОН), велат овој пат ќе излезат на секој булевар во главниот град, пренесува Телма.
Објаснуваат дека причина за нивното незадоволство, кое ја прелило чашата, е тоа што досега не е реализирано ниту едно од ветувањата дадени од ресорното министерство.
Се жалат дека нема воопшто исплата на стипендии кај студентите кои годинава за првпат го стекнале тоа право, а со останатите се доцни. Исплатата за субвенциониран оброк е нередовна, иако претходно беше договорено средствата за оваа намена да легнуваат на првиот ден од тековниот месец за претходниот.
Преговорите во однос на новиот закон за студентски оброк, велат, се одвиваат комплетно нетранспарентно и нема никакви официјални информации во однос на тоа како би се одвивала зголемената исплата на договорените 140 денари на дневно ниво. Додаваат и дека ветената реконструкција на студентските домови сè уште не е започната, иако, како што велат, им било кажано дека тоа ќе започне во 2023 година.