Илјадници работници во Грција денеска ќе учествуваат на големиот штрајк во знак на протест против трагичната железничка несреќа во која загинаа 57 лица, а масовните демонстрации се очекува да кулминираат пред парламентот во Атина.
Се очекува дека овој штрајк, на кој ќе се приклучат и други работници во јавниот сектор, ќе го наруши и метрото, трамвајскиот и автобускиот сообраќај, а траектите ќе останат закотвени бидејќи поморските и пристанишните работници најавија дека ќе се приклучат на протестот.
„Ќе ја направиме пругата безбедна за никој никогаш повеќе да нема трагична несреќа како онаа во Темпи“, соопштија од главниот железнички синдикат.
Синдикатот кој обединува стотици илјади работници во јавниот сектор, повика на еднодневен штрајк и протест поради „смртоносното злосторство“, а голем број студенти и наставници рекоа дека ќе се приклучат на собирите.
Патнички воз со 350 патници се судри во близина на Лариса со товарен воз кој сообраќал по истата пруга во спротивен правец. По судирот избувна пожар.
Несреќата на 28 февруари предизвика јавно незадоволство поради катастрофалната состојба на грчката железничка мрежа, за која работниците што штрајкуваат велат дека причина за тоа е долгогодишното запоставување, недоволно инвестирање и недоволниот број на персонал, а дека сето тоа е резултат на децениската должничка криза во земјата.
Катастрофата предизвика протести низ Грција, при што повеќе од 10.000 луѓе се собраа во неделата во Атина, пуштајќи стотици црни балони на небото.
Radio slobodna evropa