ноември 23, 2024

Украина најавува контраофанзива, ќе си го враќа и Крим

Киев најави силна контраофанзива напролет. Од украинското воено разузнавање информираат дека целта е да се ослободат сите окупирани територии, вклучувајќи го и Крим. Главните борби би се воделе на јужниот фронт, а не се исклучува да бидат нападнати и воени магацини на територија на Русија.

„Дали е можно да победиме? Да, ние сме способни за тоа, бидејќи имаме единство, решителност и непопустливост. Ние сме способни да ставиме крај на руската агресија оваа година“, рече Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Контраофанзивата сепак зависи од повеќе фактори, меѓу кои и испораката на оружје од западните сојузници. Во овој дел предничи поддршката од Германија, САД, а последно и Канада.

„Ние му го испраќаме она што нашата искусна војска смета дека сега му е потребно. Му требаат тенкови, му треба артилерија, му треба противвоздушна одбрана, вклучувајќи уште еден ХИМАРС систем. Има нешта што му се потребни сега и ги испраќаме за да го поставиме во позиција која ќе му овозможи придобивки оваа пролет“, изјави Џо Бајден – претседател на САД.

„Канада најавува нова воена поддршка за нашите пријатели во Украина. Ќе испорачаме четири дополнителни Леопард II, тенкови на вооружените сили на Украина и оклопни возила“, додаде Џастин Трудо – премиер на Канада.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин во интервју за државната телевизија кажа дека НАТО-земјите со испраќањето оружје на Киев, индиректно учевствуваат во, како што додаде, злосторствата на киевскиот режим. Според него, целта на Западот е да ја „распарчи“ Русија.

Лука Андреев

Read Previous

Висок германски офицер: Би било наивно да се верува дека војната во Украина ќе заврши оваа година

Read Next

Дали водата има рок на траење и колку долго отвореното шише е безбедно за пиење?