ноември 23, 2024

Маричиќ: Сами ќе се блокираме ако не се изгласаат уставните измени

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, порачува дека сами ќе се блокираме ако не се изгласаат уставните измени. Сега, посочува, не е одлука на Бугарија дали ќе ги отвориме поглавјата од преговорите со ЕУ, туку е на нас.

-Јавноста беше изморена од антиквизацијата и од спорот со Грција кој траеше 10 години. Ние решивме да не чекаме 10 години за да решиме некој проблем. Верувајте, многу покомотно ќе беше за Владата наместо да прифаќа тешки услови, да каже ништо не прифаќаме, ќе го ставиме Гоце Делчев на местото на Александар на плоштад и 10 години ќе владееме на таа тема, рече Маричиќ во интервју на „Макфакс“.

Ветото, посочува, наместо во рацете на Париз, Атина или Софија сега е кај нас, и зависиме од себе.

-Условите се тешки и не е праведно, немојте да мислите дека нам, кои сме седеле на таа маса и сме се договарале ни било лесно и едноставно, напротив. Многу беше тешко, затоа што сфаќавме дека условите се навистина претешки. Но, тоа беше единствената шанса, единствениот начин да ги почнеме преговорите. Време е да ги препознаваме тие шанси и да ги искористиме. Ние во минатото имаме многу пропуштени шанси, порача Маричиќ.

Според него, тешки се условите за почеток на преговорите и не е праведно, но, како што вели, и Албанија исто така имаше тешки услови. Тие мораа да го распуштат целиот судски систем и од ново да ги поставуваат сите судии во рок од три или четири години, рече вицепремиерот појаснувајќи дека државата имала директна насока од ЕУ да не се прави реизбор во судството без одобрение од ЕУ, бидејќи за тоа немало да добиеме поддршка.

Осврнувајќи се на периодот додека беше министер за правда рече дека 34 судови почнале дигитализација и оти е спроведен успешен попис после 20 години. Започнала да се применува и новата методологија за оценување и разрешување на судии, а бил зголемен и буџетот на судството и пораснале платите на судиите и обвинителите.

-Горд сум и на пописот кој беше спроведен по 20 години, а се донесоа и законски измени. Од една страна на Изборниот законик, по барање на ВМРО-ДПМНЕ се внесе фингерпринтот и се направија законски измени на Кривичниот законик со кој се зајканува заштитата на новинарите како службени лица, рече Маричиќ.

Нагласи и дека никогаш не ја злоупотребувал службената картичка и не трошел повеќе од просекот на другите министри

-Сите сметки со мој потпис се врзани со некоја службена активност. Драго ми е што откако излезе приказната излегоа и сметките на другите колеги и може да се направи споредба дека моите сметки не отскокнуваат од просекто на министрите, рече Маричиќ, појаснувајќи дека Владата има правилник кој ги третира службените трошоци и оти тој има извештај за секоја сметка.

Read Previous

Приведен криумчар од Србија, превезувал пет лица мигранти од Авганистан

Read Next

САД ќе воведат царина од 200 отсто на алуминиумот од Русија