Една година од руската воена агресија врз Украина, крвавиот конфликт кој предизвика хуманитарна, економска, енергетска и безбедносна криза, денеска во Скопје се одржа конференција, насловена „Украина, година на хероизмот“.
Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ рече оти 24 февруари 2022 година покажа дека европскиот континент може да се обедини силен, стабилен, отпорен, само преку обединување и сојузништво.
– Рускиот напад на Украина е напад на европските вредности и затоа за нас беше лесно да се избере страна и први 100 проценти да се усогласиме со надворешната политика на Европската Унија. Горди сме што Република Северна Македонија уште еднаш потврди, дека стои заедно со своите евроатлантски партнери, како членка на НАТО и сега како земја преговарач со ЕУ и најсилен аспирант за полноправно членство во европското семејство, нагласи Маричиќ.
Сега и регионот и Европа, додаде тој, се пред еден голем тест.
– Тест на кој заеднички треба да одговориме и да ја обезбедиме стабилноста и безбедноста на европскиот континент, истакна Маричиќ.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, беше дециден дека ниту една агресија не може да биде оправдана.
– На страната на демократскиот дел од светот, не смее да има никакво двоумење дека сите злосторства треба да бидат детално истражени, а виновниците соочени со правдата, рече меѓу другото претседателот на државата.
Пендаровски беше категоричен дека легитимирањето на агресијата како средство за постигнување на било која цел, е, не само недозволено, туку и неморално, во свет, во кој основна вредност е човечкиот живот.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери рече дека бил прв претседател на Собрание од регионот, којшто отиде во Украина, за лично и институционално да ја изрази поддршката за украинскиот народ и институции.
– Сведоци сме на будењето на старите, заспани или пак само привидно стишени аспирации. Свесни сме дека алчноста и аспирациите за приграбување, присвојување на туѓо се подгреваат на суптилни начини. Наводно, Пандорината кутија е отворена и со тоа се создава алиби за секое следно нецивилизирано однесување на поголемите, или пак не толку големите, меѓутоа со поддршка на деструктивните сили. И после толку страдања, изгубени животи и цели генерации, човештвото никако да ја научи лекцијата и да биде задоволно со тоа што го ужива, да го чува и негува за и следните генерации да го ползуваат, изјави Џафери.
Тој нагласи дека патот за постигнување на мир е еден и за тоа треба да се седне на маса, еден наспроти друг, во разговор без ракавици, на рамна основа.
– И тоа, колку порано, толку подобро. Мирен договор не се постигнува кога го гледаш противникот низ нишанот на оружјето. Со секој одминат ден, се подлабоки се раните, се повеќе се разгорува огнот и се разјарува гневот. Доста е! Нема повеќе време за губење! Сега повеќе од кога било се потврдува колку е значајно проширувањето на Европската Унија и со земјите од Западен Балкан за безбедноста, стабилноста и демократската консолидација на европскиот континент. Да не дозволиме да се претвори сè во пепел, премногу сме вложиле и сме жртвувале, ние, нашите предци, нивните предци. Злото многу брзо може да затропа на сечија врата, затоа што на овој или на оној начин, ефектот се рефлектира на сиот свет, без разлика, порача претседателот на Собранието.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, меѓу другото, посочи дека се одбележуваат 365 дена отпор, пркос, храброст, истрајност да се одбрани сопствената територија.
– Северна Македонија, како земја членка на НАТО алијансата, но пред се, како држава што одлуките ги носи самостојно, токму водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, покажа на дело дека е цврсто посветена на поддршката и помошта на Украина, додаде Петровска.
Таа кажа дека вчера се вратила од Украина и понела различни чувства на ужас, бес и тага за тоа што го видела.
– Разурнати домови. Уништени детски градинки, детски игралишта. Го видов и возилото во кое четиричлено семејство се обидувало да избега од бесните руски војници. За жал, не успеало. Татко, мајка и две малолетни деца биле сурово убиени. Ги видов и фотографиите од злосторствата во Буча. Застрелан 70-годишен пензионер, којшто се враќал од локалната продавница со торба храна. Убиен 50-годишен маж додека се враќал од работа, а покрај него седи неговото куче. Убиена 45-годишна жена на вратата од нејзиниот дом. Убиени деца. Ова се само неколку примери, од стотина сурово убиени, а некои од нив и сурово мачени украински граѓани, коишто никому не згрешиле ништо, невини, невооружени цивили. И покрај овие слики, траорната глетка, се враќам охрабрена дека Украина ќе победи, сподели министерката.
На настанот што го организираа Невладината организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ – Центар за слобода и Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија, имаше и проекција на краток филм, изложба на фотографии и промоција на книга за херојската борба на Украина.