ноември 22, 2024

Турската компанија „Лимак“ ќе го преуредува Стадионот „Камп ноу“

Една од најголемите градежни компании во Туркије ќе работи на преуредување на „Камп ноу“, стадионот на шпанскиот фудбалски великан Барселона, известува „Анадолу“.

„Новиот „Спотифеј Камп ноу“ е наследство кое ќе им го оставиме на нашите синови и ќерки, внуци и внуки навивачи на Барселона“, рече денеска Жоан Лапорта, претседателот на Барселона, по церемонијата на потпишување на договорот со турскиот изведувач „Лимак холдинг“.

Нихат Оздемир, директор на „Лимак“, изјави дека станува збор за значаен проект.

„Ова е многу поголема одговорност од самата надградба на стадионот, бидејќи идниот „Спотифеј Камп ноу“ не е важен само за ФК Барселона и нејзините навивачи, туку во исто време и за градот Барселона и за цела Каталонија“, рече Оздемир.

Покрај Лапорта и Оздемир, на церемонијата присуствуваа и турскиот амбасадор во Шпанија, Бурак Акчапар и турскиот генерален конзул во Барселона, Селен Евџит.

Управниот одбор на Барселона на 9 јануари ја одобри и ја објави одлуката за проектот вреден речиси милијарда долари. Работите би требало да започнат во јуни.

„Лимак“, еден од главните изведувачи на работите во Туркије, досега успешно реализира бројни меѓународни проекти во светот, а еден во моментов спроведува и во Република Северна Македонија.

„Камп ноу“ е најголемиот стадион во Европа на кој своите натпревари ги игра ФК Барселона.

Со реновирањето се предвидува зголемување на капацитетот на стадионот од 99.354 на 105.000 места, како и други важни подобрувања, вклучувајќи и додавање кровна конструкција.

„Камп ноу“ на каталонски значи ново игралиште. Службеното име на стадионот до 2000 година беше Стадион на Барселона (Estadi del FC Barcelona). Оттогаш се нарекува „Камп ноу“, по популарниот прекар на стадионот, за што одлучија членовите на клубот со гласање.

ФК Барселона натпреварите на овој стадион ги игра од 1957 година кога завршила неговата изградба.

AA

Read Previous

Србија се одлучи за Западот, врската со Русија слабее

Read Next

Полицијата го обезбедува просторот околу црквата Свети Спас, пристап ќе имаат само најавени делегации