ноември 22, 2024

Македонскиот пазар на труд отворен за работници од странство, се чека ратификација на договорите од „Отворен Балкан“

Во македонскиот парламент се уште се чека ратификација на Договорите од иницијатијата Отворен Балкан со кои се предвидува од Македонија, Србија и Албанија да конкурираат на пазарот на труд во сите три земји.

Тоа е последниот чекор со кој македонскиот пазар на труд, но и пазарите на труд во Албанија и Србија ќе станат отворени за работници од трите земји со што ќе се зголеми мобилноста во регионот.

За тоа да се случи постојано апелираат и од бизнис секторот, но и националниот координатор за Отворен Балкан, Марјан Забрчанец.

„Имаше објективни причини и пречки зошто македонскиот парламент ги немаше изгласано ратификациите на договорите од Отворен Балкан, а тие во главно се сведуваа на блокадите од страна на опозицијата. Сепак, два од договорите, оние кои се однесуваат на отстранувањето на работните дозволи поминаа на комисијата за надворешни работи во Собранието, откако опозицијата се одважи да ја тргне блокадата, изјави неодамна Забрчанец.

Согласно договорите, ќе се воведе Идентификациски број кој ќе биде сличен на единствениот матичен број за граѓаните на „Отворен Балкан“, а со добивање на ИД бројот, македонските работници нема да мора да вадат работна дозвола за Србија или Албанија, ниту пак тоа ќе треба да го прават работници од Албанија или Србија кои сакаат да работат во Македонија.
Надминувањето на проблемот со недостиг на работна сила, сериозно се разгледува и во Владата која, според најавите, кон решенијата пристапува долгорочно и стратешки, а тоа го потврди и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Според него, во државава, веќе и да не постои нема компанија која не се бори со недостаток на работна сила.

„Краткорочна цел во која треба да гледаме, а која ќе има долгорочни ефекти е покачување на продуктивноста и соодносот со платите но и конечно мораме да зборуваме за отворање на нашиот пазар на труд. Моја заложба е на пролет оваа година да ја отвориме целосно дискусијата како и Оперативниот план за вработување за квотата за странци во нашата земја. Сметам дека е време да го отвориме нашиот пазар на труд, со цел, зголемување на конкурентноста а знаеме дека за зголемување на конкурентноста клучен е човечкиот фактор“ порача неодамна Битиќи.

Read Previous

Ковачевски: Мицкоски за малку ќе почнеше да се натпреварува колку луѓе убил во воен конфликт

Read Next

Како со мобилниот телефон да препознаете дали има скриени камери во собата во која сте сместени