Заштитата на надворешните граници на Европската унија е заедничка заложба на сите земји-членки и е клучна за справување со илегалната миграција. Ова e заедничкиот став на бугарскиот претседател Румен Радев и федералниот канцелар на Република Австрија Карл Нехамер, кои денеска зборуваа во Виена. На покана на Карл Нехамер, бугарскиот претседател е единствениот државен лидер поканет на овогодинешното издание на традиционалниот новогодишен концерт на Виенската филхармонија во Златната сала на „Музикфераин“, информираат од прес-службата на бугарскиот претседател, пренесува Трибуна.
Во разговорот, двајцата ја истакнаа добрата соработка меѓу Бугарија и Австрија и разговараа за европската миграциска и азилантска политика, пред Европскиот совет што треба да се одржи на 9 и 10 февруари.
Шефот на бугарската држава истакна дека заштитата на надворешните европски граници бара уште поблиска соработка меѓу европските земји, како и насочена техничка и финансиска поддршка од ЕУ. Румен Радев потсети и дека Бугарија има направено значителни инвестиции во подобрување на заштитата на своите граници и тоа го потврдиле сите мисии на Европската унија.
Сојузниот канцелар Карл Нехамер изрази благодарност за прифатената покана од шефот на бугарската држава да ја посети Виена за продолжување на билатералниот дијалог и ја истакна желбата на Австрија да ја зајакне соработката со Бугарија во чувањето на надворешните граници на ЕУ за справување со илегалната миграција. Според Карл Нехамер, Европа не може да си дозволи десетици илјади нерегистрирани мигранти да минуваат низ територијата на земјите-членки на ЕУ. Високиот број на илегални мигранти, исто така, претставува сериозен проблем за безбедноста на целата Европска унија, за што е потребна поголема поддршка за земјите кои ги чуваат надворешните граници на Унијата и се изложени на миграциски притисок, вклучително и Бугарија.
Канцеларот Карл Нехамер на 23 јануари треба да ја посети Бугарија каде ќе се запознае со мерките што ги презема земјата за заштита на границите на ЕУ. Нехамер истакна дека Бугарија вложила многу напори за зајакнување на заштитата на надворешните европски граници за да се спротивстави на зголемениот миграциски притисок и треба да добие поголема финансиска поддршка од ЕУ за подобрување на граничната ограда, како и за зголемување на присуството на Фронтекс.
Во рамките на посетата на Австрија, претседателот Румен Радев разговараше и со сојузниот претседател Александар Ван дер Белен и се сретна и со министерот за надворешни работи на Индија Субрамањам Џаишанкар.