Во Атина министерот за надворешни работи Бујар Османи остварил средба со шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас. На средбата, министрите изразиле задоволство од динамиката со која се развиваат односите меѓу двете соседни земји, плодната соработка во бројни сфери и проекти од заемен интерес, како и перспективата на нивното натамошно унапредување, на билатерален, регионален и мултилатерален план. Станало збор и за Договорот од Преспа со оценка на неговото позитивно влијание врз севкупните односи и соработка меѓу двете држави.
Навистина сум задоволен што односите меѓу Северна Македонија и Грција се вистински пример за добри соседи и пример како да се изгради стабилно и долгорочно пријателство засновано на меѓусебна доверба и почит. Имаме договор за стратегиско партнерство, чие доследно спроведување претставува основа за понатамошна соработка и дополнително зајакнување на нашите блиски односи”, истакнува Османи во соопштението по средбата, додавајќи дека растот на трговската размена меѓу двете држави за 100%, е најдобар показател за новото поглавје на билатералните односи, што го овозможи потпишувањето на договорот.
Османи упатил благодарност за поддршката на Грција во евроинтегративниот процес на Македонија.
„Се разговараше за соработката во рамките на НАТО и регионалните иницијативи, а во пресрет на претседавањето на Северна Македонија со САД-Јадранската повелба, Процесот за соработка во Југо-источна Европа и ОБСЕ, во текот на 2023 година. Фокусот во овој дел беше токму врз соработката за време на нашето претседавање со ОБСЕ, а во насока на обезбедување на траен мир, стабилност и просперитет во регионот и пошироко“, се вели во соопштението..