ноември 22, 2024

Столтенберг: НАТО е подготвен, сите страни да се воздржат од ескалација на Косово

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во врска со последните настани на Косово, изјави дека неговата порака до сите заинтересирани страни е да се воздржат од ескалација на реторика и акции и да помогнат во намалувањето на тензиите, јави дописникот на МИА од Белград.

Столтенберг истакна дека НАТО е многу фокусиран на прашањето за Косово, како и за Западен Балкан, и дека силите на Алијансата се уште се присутни таму преку мисијата на КФОР, која брои речиси 4.000 членови и која е „клучен фактор за стабилизирање на регионот и ситуацијата“.

– Нашите сили се подготвени, будни. НАТО и ЕУ тесно соработуваат, рече Столтенберг во интервју за ТВ Франс 24.

Се огласи и мисијата на НАТО на Косово, КФОР, кој укажа дека е важно да се избегнат какви било нови ескалации

– Единствениот начин за мир за Белград и Приштина е да се решат отворените прашања преку дијалог, како и да се најде решение кое ќе ги почитува правата на сите заедници. КФОР останува исклучително буден и е во полн капацитет да го исполни својот мандат на ОН, објавено е на Твитер налогот на Алијансата.

Претходно, КФОР во врска со последните тензии на Косово и барикадите што ги поставија Србите на главните патишта на северот, истакна дека нема да толерираат насилство и дека нивната прва задача е да обезбедат слободно движење на Косово.

Read Previous

Се повлекуваат автобусите од блокадите, ќе се даде простор на дијалогот

Read Next

Американскиот тим за санкции по информациите добиени во Македонија ќе предложи кои лица ќе се најдат на „црната листа” на САД