Покрај во школо во Кавадарци, дојави денеска стигнаа и во девет скопски училишта, МНР, ГТЦ, „Ист гејт мол“ и „Џевахир сити“
Дојавата за бомба во основно училиште во Кавадарци била лажна, информираа од СВР Велес откако завршила проверката од страна на полицијата.
„Направени се сите потребни проверки во врска со денешната пријава од училиште во Кавадарци, дека на електронската адреса на училиштето, била испратена закана за поставена експлозивна направа. Утврдено е дека станува збор за лажна пријава. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и по извршени проверки, утврдено е дека станува збор за лажна пријава“,
вели портпаролот на СВР Велес, Ристе Самарџиев.
Во Кавадарци дојави за бомби имаше и минатата недела, во шест основни и средни училишта, но и тогаш стануваше збор за лажни.
Денеска, покрај во школото во Кавадарци, дојави стигнаа и во девет скопски средни училишта, во Министерството за надворешни работи (МНР), Градскиот трговски центар (ГТЦ), „Ист гејт мол“ и кулите на „Џевахир сити“. За нив, сè уште нема информација дали се завршени проверките или не.