ноември 22, 2024

Ковачевски: ЕУ е нашата единствена алтернатива, заедно со ЕУ ќе ја пребродиме економско-енергетската криза

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со лидерите од Западен Балкан денеска учествуваше и дискутираше на втората панел дискусија во рамките на Самитот за Западен Балкан – Европска Унија во Тирана. Тема на дискусија беа европските перспективи на Западен Балкан, заедничките заложби за демократијата, мирот и стабилноста на регионот и во цела Европа, како и меѓусебната поддршка во справувањето со економската и енергетската криза.

Премиерот Ковачевски истакна дека мирот и стабилноста на Балканот се предуслов за мир и стабилност на цела Европа, затоа сите заеднички, цел регион треба да се залага да се постигне оваа цел. Работејќи заедно на оваа важна цел, земјите од Западен Балкан, како земји од доверба на ЕУ обезбедуваат сигурна иднина како за граѓаните, така и за развој на економиите и просперитет во државите. Република Северна Македонија и Република Албанија ги започнаа преговорите со ЕУ за полноправно членство на ЕУ и продолжуваат посветено да работат на скрининг процесот со сите свои капацитети. Исто така Република Северна Македонија очекува наскоро да ги направи Уставните измени со кои уште еднаш ќе покаже највисок степен на демократија и почитување на основните човекови права.

Премиерот Ковачевски на сесијата рече дека потребна е силна и тесна соработка на целиот регион посебно во делот на енергетиката. За постигнување на амбициозните цели за енергетска транзиција и за надминување на предизвиците кои ни ги наметна економската и енергетската криза, потребно е фокус на изнаоѓање алтернативи за стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија, но и насочување кон обновливи извори на енергија.

Зелената агенда која ја спроведува Република Северна Македонија е важен двигател за земјата во контекст на енергетската криза во која се наоѓаме. Само во изминативе неколку месеци во Северна Македонија започна со работа најголемата досега фотоволтаична електрана, која произведува струја од домашни ресурси, од македонското сонце, а ги задоволува потребите на многу домаќинства. Од една страна, поедноставените процедури за поставување фотоволтаици овозможуваат посеопфатна и поширока нивна примена, додека пак сериозниот пристап кон инвестиции во областа на енергетиката со посебен фокус на обновливите извори на енергија од друга страна, овозможува интензивирање на енергетската трансформација на земјата, но и на регионот.

На Самитот премиерот Ковачевски рече дека Република Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која усвои Стратегија за развој на енергетскиот сектор заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ.

Република Северна Македонија е и првата земја која спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во „Осломеј“ во Кичево со фотонапонска централа, како конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија, покажувајќи силна иницијатива за декарбонизација на нашиот енергетски сектор. Ќе го спомнам и нашиот најзначаен проект за енергетска транзиција, во фаза на евалуација е изградбата на пумпно складиште хидроцентрала Чебрен, Црна Река, вредна над 800 милиони евра.

Премиерот Ковачевски истакна дека, потребна е голема поддршка преку достапни грантови и поволни заеми за новите проекти и да работиме на ефективни планови за праведна транзиција со достапни најдобри практики.

Read Previous

Владата го поништи државјанството на Онишченко

Read Next

Дали ги налутивме Американците, тим за санкции пристигна во Македонија, Агелер со порака: Има потреба од повеќе истраги и гонења, никој не може да биде над законот