Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во видео обраќање ги повика граѓаните да предложат свои идеи и проекти во следните две недели за време на отворените денови од 11 до 14 часот во општините каде што градоначалниците се од нивната партија. Граѓаните ќе можат проектите да ги предложат и онлајн на budzet.mk.
-Кога пред една година ни ја дадовте вашата доверба, верувавте во нас. Таа ваша верба е нашата најголема движечка сила. Една година, соочувајќи се со предизвици, макотрпно се трудиме да ги оправдаме вашите очекувања, и да ги придвижиме и подобриме работите. Да создадеме вредности за сите луѓе. Да ја разбудиме надежта. Да ја обезбедиме иднината за вашите деца. Покажавме дека работата e нашиот бренд. Покажавме дека може да има проекти. Има уште многу да се сработи. Проблемите се таложеле со години и децении. Ние не ги криеме, не ги потценуваме, но и не ги преценуваме. Веруваме дека заеднички, со сплотени сили, може да направиме многу. Затоа Ве повикуваме да се вклучите и да придонесете со Вашите идеи во реализацијата на промените. Општините каде градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ја имаат одговорноста да управуваат со процесите ќе ги отвориме во наредните два викенди, каде ќе има отворени денови и од 11 до 14 часот, граѓаните ќе може да предложат проекти и идеи кои ќе бидат вклучени за следната буџетска година, и воедно да им бидат презентирани плановите и проектите кои веќе се испланирани за следната буџетска година. Ќе може лично да предложите идеја. Но, ќе има можност и онлајн преку веб страната budzet.mk да ги предложите вашите идеи, вели Мицкоски.
Истакнува дека внимателно ќе се пристапи кон секоја идеја на граѓаните и дека максимално ќе се посветат да се изнајде средства за реализација.