Вилма Русковска, кандидатка за нов мандат за шефовското место во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кажа дека ако ги изгуби овие избори ќе признае пораз. Таа очекува да победи и рече: „Правдата мора да победи“.
„Не, од страна на ниту еден колега немам добиено таква информација (дека има притисоци). Ако овие избори не бидат фер, кога гласаат обвинители, тогаш што да очекуваме од кои било други избори. Апсолутно сум сигурна дека ќе бидат фер“, кажа Русковска пред гласањето.
Прашана дали ако победи друг кандидат, тоа значи дека нема да победи правдата, Русковска одговори: „Па се надевам, јас ги почитувам колегите, се надевам ќе продолжат таму каде застанав јас“.
Таа не сакаше да одговори за кого таа би гласала, ако не беше кандидат.
„А тоа е неблагодарно прашање, стварно“, одговори Русковска.
Според неа, шефовското столче е жешко и додава: „Не е работата само да бидеш шеф. Него се очекува многу повеќе од тоа“.
Ако победи, Русковска рече дека ќе продолжи каде што застанала. Ако не победи, ќе направи примопредавање.
„Уште еднаш сакам да нагласам дека правото и правдата мора да важи за сите. И не смее да има неказнивост“, додаде Русковска.
Таа не коментираше како е задоволна од работата на ОЈО-ГОКК откако таа е суспендирана.
„Не сакам да излезе дека од далеку вршам некаква контрола, дека прашувам“, додаде Русковска.
Прашана за порака до колегите, доколку таа не биде избрана, Русковска рече: „ Ќе му кажам или ќе ѝ кажам на кои предмети треба да се обрне поголемо внимание“.
Русковска не одговори дали ќе каже поголемо внимание да се обрне на предметот за Арафат Муареми, поради кое постапување беше суспендирана, а откако беше утврдено од републичкото обвинителство дека постапила незаконски.