ноември 23, 2024

Отворена стечајна постапка за АД БЕТОН

Сојузот на Синдикати на Македонија соопшти дека повеле постапка за отворање стечај за градежниот гигант Бетон поради неисплатени плати на вработените и блокирани сметки на компанијата. Од ССМ потенцираат дека досега биле искористени повеќе механизми за да се испочитуваат правата на работниците, но тоа не било реализирано, по што пристапиле кон овој „краен чекор“.

–  Почитувани претставници на медиуми денешната пресконференција ја свикуваме бидејќи Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Македонија во име на вработените во АД Бетон до основниот граѓански суд Скопје во текот на вчерашниот ден поднесе постпака за отворање предстечајна постапка за престанок на работодавачот откако во период од девет месеци ги искористивме сите механизми да се исплатат платите и да продолжи компанијата да работи. Бетон веќе четврти месец нема исплатено плата, а сметката, односно сите сметки на компанијата се блокирани веќе 45 дена. Овие два факти се најзначајни за вработените преку синдикатот да си отворат предстечајна постапка, и како единствен и последен законски механизам, не се повлекуваат од намерата компанијата да отиде во стечај и овие побарувања да ги земат од стечајната маса. Покрај платите, да си ги побараат и заостанатите регреси за годишен одмор, како за 2021 така и за 2022 година – посочи Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија, Иван Пешевски.

Тој дополни дека Синдикатот за градежништво и работниците повеќе пати пријавувале до државниот инспекторат за труд за незаконското работење на работодавачот, но и покрај сите законски задолженија, истиот да исплаќа плата, компанијата тоа не го сторила и вработените веќе четврти месец немаат земено плата.

–  Сметаме дека овие законски загарантирани права на вработените ќе успееме да ги наплатиме барем преку суд. Од друга страна овие денови вработение се притиснати да потпишуваат некакви договори на определено време, анекси на нивните постоечки договори, за што последно апелираме и ги советуваме ништо да не потпишуваат бидејќи се што им следи, им следува врз основа на нивните веќе постоечки договори на неопределено време. Така што да не потпаѓаат под било какви притисоци и закани од отказ, туку да чекаат се што им следува од судот како што следува со отворање на стечајна постапка – посочи Пешевски.

Тој воедно објасни дека со оглед на структурата на вработените, поголемиот дел од нив ќе бидат обештетени од Агенцијата за вработување со оној надоместок за покривање трошоци за невработеност до пензија.

Ги охрабрувам сите вработени да си се јават во судот веднаш штом ќе биде отворена постпаката, и кога ќе бидат објавени овие документи на огласна табла, и си се пријават, претходно нормално известени од нас преку сите јавни гласила и преку медиумите.  Слободно можам да кажаме дека новото раководство на компанијата Бетон е единствен виновник за тоа што овој гигант нема да дочека 75 години постоење во декември, туку да заврши во рацете на доверителите и на некој стечаен управник. За крај сакам да кажам дека стоиме на страната на вработените, и оние кои го поднесоа ова заедно со Синдикатот до последно ќе си го бараат на суд, секој оној изработен месец, а досега неплатен од страна на работодавачот. Затоа ги охрабрувам дека треба да продолжат да ги слушаат советите на Синдикатот, да си продолжат да одат на работа како досега, а секој кој се однесува нечовечки, ќе сноси одговорност – потенцира Пешевски.

Од Синдикатот посочија дека од месец март па до крајот на август поднесени се пет пријави за неисплатени плати, и при секое одење на државен инспектор на терен, констатирано дека платите не се исоплатени навереме, и издадено решение за исплата на платите во рок од 15 дена, но тие не постапуваат по издадените решенија. Затоа Пешевски уште еднаш истакна дека единствени два услови по основ на кој се поведува стечајот се неисплатени три плати  по законот за работни односи, и со тоа бараат престанок со работа, додека по законот за стечај по член пет, бидејќи повеќе од 45 дена имаат блокирана сметка исто така имаме право да отвориме стечај.

–  Исто така ССМ заедно со Агросиндикатот, каде делуваме во Водостопанство, државна компанија, размислуваме да поченеме предстечајна постапка, бидејќи и таму вработените не земале четири месеци плати… ќе бараме испалта на трите плати со кои се доцни, но и тековната четврта плата – истакна претседателот на Сојузот на Синдикати на Македонија, Дарко Димовски.

Read Previous

Митева: МОН плати 500.000 евра за скрипти, а учебници нема!

Read Next

МНР ги осуди навредите на македонските навивачи кон фудбалерите на Бугарија