Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија во Скопје денеска доби донација од 150 нови кислородни концентратори. Донацијата е од Исламик Релиф од Соединетите Американски Држави, а локален партнер на проектот е хуманитарната организација „Класеј на добрината“.
– Станува збор за 150 апарати кислородни концентратори, што ќе пристигнуваат во три етапи, првата количина е веќе пристигната, втората кон октомври, а третата до крај на годината. Станува збор за комплетно нови концентратори, од кои 70 ќе бидат дистрибуирани на универзитетските клиники, а останатите во другите јавни здравствени установи, изјави министерот за здравство Беким Сали кој изрази благодарност до претседателот на „Класеј на добрината“ Неџат Илика и директорот на Исламик Релиф, претставник за Албанија и Косово, Мохамед Сулејман.
Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, д-р Дејан Докиќ појасни дека овие апарати ќе помогнат подобро да се згрижат и лекуваат пациентите со респираторни заболувања, хронични и акутни болести.
– Во последно време сме сведоци дека има се поголем број од пациентите кои после ковид добиваат фиброза и на тие пациенти ќе им бидат потребни вакви концентратори. Тоа е апарат што од амбиенталниот воздух го концентрира и создава кислород во доволно ниво за да можат пациентите да издржат во својата хронична болест и дополнително средство да биде во комбинација со неинвазивната вентилација да се спаси човечкиот живот кога респираторните функции откажуваат, додаде д-р Докиќ.
Новите кислородни концентратори, како што истакна министерот Сали ќе може да се користат самостојно или како надополнување на апаратура на неинвазивната вентилација, потребна за респираторна поддршка на пациенти со хронични и акутни болести, како што се компликации од пневмонија, КОВИД и други респираторни заболувања.
– На Клиниката во моментов нема зголемување на број на пациенти кои боледуваат од респираторни заболувања, а пикот се очекува во текот на зимските месеци. Забележано е зголемување на бројот на хосипитализации, како резултат од пост-ковид последици, фибрози на бели дробови. За една година на Клиниката за пулмологија се реализирани над 2000 амбулантски прегледи, како и 4000 контролни прегледи и 1674 хоспитализации од кои пет проценти се пост-ковид компликации, информираше тој.
Директорот на Исламик Релиф, Мохамед Сулејман истакна дека му претставува задоволство што организацијата ја реализирала оваа донација и оти овие концентрати ќе бидат од голема помош за пациентите со пост-ковид ефекти.