ноември 23, 2024

Учебници нема, а оние кои ги добиваат се искинати, Унијата на средношколци прашува дали сами да се снаоѓаат?!

Учебната година почна навреме, но и годинава изостанаа учебниците за учениците од основните и средните училишта.

Во основното образование се импровизира со еден учебник по сите предмети од прво до петто одделение, а оние во повисоките класови мака мачат со учебниците кои ги добиле од претходните генерации затоа што се неупотребливи, искинати или им фалат страници.

Со истиот проблем се соочуваат и средношколците, особено оние ученици кои учат во стручните училишта, па им фалат токму учебниците за стручните предмети.

Покрај најавата од министерството за образование дека учебниците ќе бидат поставени ан платформата е-учебници од каде учениците ќе можат да ги симнат во PDF фајл, сепак, таму може да се најдат само по неколку учебници по година.

Од Сојузот на средношколци се разочарани, па велат дека на почетокот на учебната 2022-23 година, средношколците биле пречекани од добро познатиот проблем со недостаток на учебници.

– Овој проблем е исклучително алармантен, особено во претходните неколку години. Во овој период, Сојузот на средношколци активно ја следи ситуацијата и апелира за нејзиното решавање. Сепак, проблемот е далеку од решен и сѐ уште претставува голема пречка во ученичкото секојдневие – велат од таму.

Годинава забележале зголемен број проблематични случаи во многу од средните училишта ширум државата. Учениците пријавуваат дека добиваат оштетени учебници далеку од употреблива состојба, а во најлош случај, комплетен недостатокот на дел од учебниците.

Сојузот утврди дека вакви ситуации се присутни во Скопје, Битола, Велес, Прилеп, Делчево и други градови, дури и во некои од најголемите средни училишта. Проблемот е особено изразен во стручните училишта, специфично за учебниците по стручните предмети, што создава нееднаквост меѓу учениците. Решавањето на проблемот е оставено на самите ученици, кои се принудени да се снаоѓаат со барање на елекотронски форми на учебникот, учење преку слики од врсниците, или најстрашно фотокопирање или набавување на истите на свој трошок, алармираат од Сојузот.

Сметаат дека ситуацијата е апсолутно неприфатлива и строго ја осудуваат неодговорноста на надлежните институции во нивното справување со проблемот.

– Не може незавршената дигитализација да се користи како изговор за немањето на учебници. Апелираме проблемот да биде ставен како висок приоритет и активно да се работи на негово решавање. Ние ќе продолжиме да ја следиме состојбата и ќе ја информираме јавноста за оваа исклучително важна тема. Една од клучните заложби на Сојузот е обезбедување на достапно образование за сите.

Потсетуваат јна член 44 од Уставот кој гласи: „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно“. Учебниците се основна алатка за одржување на непречена настава, која според Уставот (треба да) е бесплатна.

Read Previous

Чарлс Трети официјално прогласен за крал на Обединетото Кралство

Read Next

Црна статистика, расте смртноста во Македонија