Неколку месеци пред истекот на рокот за затворање на последните нуклеарни реактори во Германија, кои би ја направиле земјата првата индустриска сила која не произведува нуклеарна енергија, владата во Берлин беше принудена на уште еден политички пресврт предизвикан од руската инвазија на Украина, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).
Германската влада најави одложување на затворањето на два од последните три нуклеарни реактори во земјата, кои требаше да бидат затворени во декември, со цел да се одржи електричната мрежа да работи во текот на зимата, објави Тајмс.
Со месеци, германската влада инсистираше на тоа дека ќе го испочитува своето долгогодишно ветување дека ќе ги затвори преостанатите нуклеарни централи до крајот на оваа година.
Сепак, таа била принудена на спротивна одлука поради можноста за прекин на електричната енергија во индустриското срце на југот на земјата, но и поради впечатливата промена во јавното мислење, кое некогаш во голема мера се спротивставувало на употреба на нуклеарна енергија.
Министерот за енергетика Роберт Хабек најави дека нуклеарните централи „Исар 2“ во Баварија и Некарвестхајм кај Штутгарт ќе бидат исклучени од мрежата, но ќе продолжат да работат како „оперативни резерви“.
Третиот преостанат реактор Емсланд во северозападниот дел на земјата ќе биде затворен според планираното.
Пресвртот е особено горчлив за Хабек и неговата Зелена партија, која со децении води кампања за ставање крај на нуклеарната енергија.
Одлуката за одложување на долгорочниот план за укинување на нуклеарната енергија претставува компромис меѓу членовите на коалициската влада, која ги вклучува и поддржувачите на нуклеарната енергија и Зелените, кои произлегоа од антинуклеарното движење, истакнува Волстрит журнал.