ноември 22, 2024

Маричиќ од Белград: Нови проекти и Меморандум за соработка со Србија

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со српската министерка за евроинтеграции, Јадранка Јоксимовиќ, после одржаната билатерална средба, дадоа изјави во кои најавија дека соработката помеѓу Северна Македонија и Србија ќе се интензивира во делот на евроинтеграцискиот процес, во пресрет на почетокот на преговори на Северна Македонија со Европската Унија и преку нови проекти поддржани од европските фондови.

– Со задоволство ја прифатив идејата на српската колешка Јоксимовиќ, да направиме Меморандум за соработка во делот на евроинтеграциите, надграден во контекст на новата методологија, што во овој момент на почеток на преговорите за нас ќе биде корисно за двете држави, бидејќи ако работиме заедно ќе можеме да напредуваме побрзо и да имаме подобри резултати за нашите граѓани, изјави вицепремиерот Маричиќ.

Јоксимовиќ изјави дека во идниот период ќе се интензивираат консултациите со Северна Македонија во областа на европските интеграции, бидејќи како што изјави пренесувањето искуства и каква било помош во делот на преговорите е во интерес на добрососедските односи, како и во интерес на забрзување на реформите и напредокот на граѓаните на двете земји.

Вицепремиерот Маричиќ рече дека Северна Македонија и Србија веќе покажаа многу во реформите и решавањето на тешките прашања, и дека тоа ги прави кредибилен партнер на Европската унија двете земји, додавајќи дека очекува земјите од регионот бидат вклучени во решавањето на сегашните и идните кризи поврзани со енергетското снабдување, со снабдувањето со храна и струја.

Маричиќ и Јоксимовиќ констатираа дека ќе продолжи регионалната соработка уште поинтензивно, како соседи, сè во интерес на економскиот просперитет, намалувањето на последиците кои ги носи овој тежок период.

– Ние разговаравме и за бројни проекти финансирани од ЕУ во рамки на Европскиот инвестициски план за Западен Балкан, за гасниот интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија, што во овој момент е од исклучително значење за граѓаните, изјави министерката Јоксимовиќ.

На средбата беше разговарано за важноста на почетокот на преговори на Северна Македонија со Европската Унијата, предизвиците со кои државата може да се соочи во тој процес, за поддршката и размената на искуства кои ги има Србија, како земја која преговара 8 години, и интензивирање на регионалната соработка во пресрет на зимата која доаѓа и заедничкото делување против последиците од енергетската и безбедносна криза.

Вицепремиерот Маричиќ оваа средба ја реализираше во рамки на посетата на првиот Меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“ во Белград, кој се одржува од 1-4 септември.

Read Previous

ВМРО-ДПМНЕ: Половина милион наши сограѓани живеат на праг на сиромаштија, а Ковачевски за вински фестивал дава 400.000 евра

Read Next

Украински брод со жито се насука во Истанбул, сообраќајот на Босфорот конечно нормализиран