Усогласени препораки за заедничко чествување на пет историски личности, по пет препораки во учебниците по историја во Северна Македонија и Бугарија

Заедничката мултидисциплинарна македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања усогласи препораки што се однесуваат на заедничко чествување на пет историски личности – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил. Комисијата усогласи и по пет препораки за учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, што се однесуваат на периодот на антиката.

Копретседателот на Комисијата Драги Ѓоргиев по вчерашниот брифинг со новинарите во врска со усвоените решенија на Комисијата, појасни дека препораките за заедничкото чествување на овие историски личности се всушност идентични текстови за заедничко чествување со кои им препорачуваат на двете влади на одредени годишници или јубилеи да се чествуваат заедно.

Препораките се објавени на веб-страницата на македонското МНР. Усогласувањето на препораките доаѓа еден месец по потпишувањето на Протоколот од страна на шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска на 17 јули 2022 година, во кој е предвидено во рок од еден месец од потпишувањето на документот, двете држави да ги објават на интернет-страниците на двете влади веќе усвоените препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.

Ѓоргиев, во однос на учебниците, рече дека препораките се однесуваат на некои структурални недоследности во лекциите, потоа на фактографски грешки, историската географија, односно како се претставени одредени географски реони, бидејќи, како што рече, во тие сегменти забележавме најмногу пропусти и во двата образовни система.

– Препораките не допираат во идентитетските прашања, и истите се посветени на тоа да се избегне митологизацијата на тој антички период на двете страни и да се избегне денешната национална перспектива. Од тој аспект сметаме ќе се подобрат учебниците по историја во двете земји, изјави Ѓоргиев.

Појасни дека препораките се однесуваат на оние места во учебниците во историја каде нашата страна сметала дека треба да има подобрување во бугарските учебници во одредени теми и обратно. Овие препораки одат до Владата, која треба да ги усвои и понатаму да продолжи процесот при пишувањето на идните учебници по историја и да се земат предвид препораките. Препораките, додаде Ѓоргиев, не се со задолжително усвојување и немаат императивен тон за авторите, бидејќи тоа е препорака на Комисијата, а како ќе се одвива понатаму е во рацете на институциите.

– За заедничкото чествување на историските ликови, главни критериуми за Комисијата беа презентација на универзалните вредности на тие личности за придонесот на тие личности во развивањето на христијанската култура, традиција на овие простори и секако придонесот на тие личности за развојот на словенската, сесловенската писменост. Се трудевме во тој контекст текстовите да имаат поширок регионален апсект, заклучи Ѓоргиев.

На брифингот со новинарите беше посочено дека со препораките за заедничко чествување, Историската комисија имала цел да се истакне важноста на делата на Свети Кирил и Методиј за ширењето на христијанството во регионот и во Европа и со тоа да се даде поширок контекст на нивното дело.

Ѓоргиев нагласи и дека автономијата на нивната работа е целосно запазена, немаат политички притисоци, како и дека целта на работата на историската комисија не е менување на историските факти, тие и не може да бидат променети, туку промоција на образование кое нема да биде основа за манипулации на младите генерации и надминување на недоразбирањата.

Тој оцени и дека периодот на 19-от и 20-от век ќе биде еден од најтешките за коишто ќе расправа Комисијата, истакнувајќи дека доколку нема договор, Комисијата по секоја цена нема да носи решенија за историските недоразбирања.

– Никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Доколу нема договор, Комисијата по секоја цена нема да носи решенија за историските недоразбирања. Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период за којшто ќе дискутираме, дискусиите ќе траат и во крајна линија ако ние се договориме, успееме да најдеме некакво решение ќе го презентираме. Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија, рече Ѓоргиев на новинарско прашање.

Тој додаде дека Комисијата не расправа за тоа како историографиите гледаат на одредени личности и настани, туку за тоа како се тие презентирани во учебниците по историја во двете земји и дали е потребно нивно поинакво презентирање во бугарските учебници и во македонските учебници.

– Ние не расправаме за тоа како историографиите гледаат на одредени личности и настани. Историографијата ќе си ја продолжи својата работа со истражување, историчарите ќе ги презентираат своите видувања за настани и за личности онака како што тие мислат. Комисијата на никој начин нема да влијае врз историографијата, врз пишувањето на историските книги, врз истражувањата итн. Комисијата ќе се фокусира на учебниците по историја со цел да  придонесе да се надминат одредени недоразбирања кои постојат во учебниците за да се релаксираат односите меѓу двата народи, меѓу двете држави, рече Ѓоргиев. 

Во однос на учебниците, тој појасни дека се оди на тоа да се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави, и кои можат кај младите генерации да предизвикаат тензии, омраза итн.

– Во таа смисла Комисијата работи на надминување на тие места во учебниците, што верувам е една задача која ја има и секоја комисија која работи на вакви историски прашања во однос на учебниците по историја, рече копретседателот на македонскиот тим во Заедничката комисија за историски и образовани прашања Драги Ѓоргиев.

На брифингот беше посочено и дека во моментот во заедничката Комисија се разговара за периодот на Средниот век, при што досега се донесени седум препораки за шести клас во Бугарија и четири за седмо одделение кај нас, а треба да се донесат уште три нови. Историчарите брифираа дека бројот на препораки мора секогаш да биде ист и не може една држава да добие повеќе препораки од другата.

Тие изразија очекување дека до крајот на годината ќе се дојде до решение за периодот од средновековието, по што ќе се оди на погорните одделенија и со тоа во поновите периоди од историјата.

Вчера и Министерството за надворешни работи на Бугарија во соопштение ја охрабри мешовитата Комисија за историски и образовни прашања  да продолжи поинтензивно со своите напори со цел завршување на нејзините работи за сите периоди од заедничката историја согласно со член 8 став 2 од Договорот за пријателство и добрососедство и соработка.

Мултидисциплинарната комисија за историски и образовни прашања, која е формирана во 2018 година согласно Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Северна Македонија и Бугарија, досега одржа 19 средби, плус четири состаноци за технички работи.

Наредната средба на заедничката комисија ќе се одржи кон средината на септември.

За СДСМ во препораките нема бришење на историјата, за ВМРО-ДПМНЕ менувањето на учебниците е по бугарски диктат

По објавувањето на препораките се огласи владејачката СДСМ, од каде наведуваат дека „ова се препораки усвоени од стручна и независна комисија без какви било политички влијанија и оти со нив паднаа во вода сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски“.

– Денеска стана јасно дека во тие препораки нема ништо спорно, нема ништо затскриено, нема никакво бришење или менување на историјата, нема историја по бугарски терк како што лажеа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Усвоените препораки за одредени учебници во основното образование се на база на реципроцитет и истите ќе бидат доставени и до македонската но и до бугарската влада, велат од СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, оцени дека и понатаму државата ќе биде заложник на историјата поради францускиот предлог за надминување на спорот со Бугарија.

– Наместо да зборуваме за 21-ви, 22-ви век, за иднината, ние зборуваме за Средниот век како што впрочем видовте и денеска се зборува за цар Самоил, се зборува за Климент, се зборува за Наум, за Кирил и Методиј и се зборуваат неточни работи. Практично, ние сега треба да ги менуваме, односно цензурираме учебниците на децата кои ќе учат во училиштата под диктат, под притисок од Бугарија, истакна Мицкоски.

Тој оцени дека „ова е дебакл на политиките на власта во однос на политичарите од ЕУ“.

Во Протоколот стои дека Скопје и Софија не подоцна од учебната 2024/25 треба да ги усогласат учебниците по историја

Инаку, во Протоколот потпишан во Софија на 17 јули, пишува дека „Согласно чл. 8 ал. 3 од Договорот, двете држави прифаќаат во 2022 и 2023 да ги чествуваат сите заеднички историски настани и личности кои се веќе договорени од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Доколку има политичка волја од двете држави, ќе се прославуваат и други заеднички историски настани и личности“.  

Натаму стои дека „заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ќе разработи и реализира план за работа, кој предвидува одржување на 8 до 10 состаноци на годишно ниво“.  

– Двете држави ја охрабруваат Комисијата да го заврши прегледот на периодот на Средниот век во рок од една година од потпишувањето на овој Протокол, стои во документот. 

Се наведува и двете држави, не покасно од учебната 2024/25 г., да ги усогласат, каде што е неопходно, сите учебници по историја во учебната програма, така што тие ќе ги одразуваат, до тој момент, постигнатите резултати од работата на Комисијата, согласно чл. 8 ал. 2 од Договорот.  

Двете држави да продолжат да ја поддржуваат и охрабруваат работата на Комисијата, за да ги извршуваат започнатите ангажмани, за да ги хармонизираат релевантните учебници и учебни програми, во согласност со резултатите од работата на Комисијата, одобрени од двете влади се вели во документот.

– Двете држави ја поддржуваат и охрабруваат Комисијата да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја, кои ги поврзува двете држави и нивните народи, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, со цел целосно имплементирање на тие нејзини препораки во образовните програми до членството на Северна Македонија во ЕУ, стои во Протоколот.

Ѓоргиев, пак, вчера во врска со тоа како ќе ги исполнат роковите за постигнување резултати од работата на Комисијата, содржани во Протоколот, дециден дека тој документ содржи само охрабрување од политичарите, но динамиката на работата и постигнувањето резултати ќе зависи од членовите на Комисијата. 

– Рокови во однос на постигнување резултати на Комисијата имаше и порано, и тоа е начин на кој размислуваат политичарите. Тие сакаат да постигнат резултати. Меѓутоа таму не стои во Протоколот императивно кога ние мора да ги завршиме тие прашања од средниот век. Таму стои охрабрување да се заврши за одреден период. Комисијата има своја динамика на работа, свој начин на работа, и се додека двете страни не утврдат дека е постигнат резултат согласно академските принципи, согласно последните историски истражувања, резултати од последните историски истражувања, ние нема да излеземе со готов производ, препорака во однос на учебниците. Така да, ние ги земаме во предвид охрабрувањата од политичарите, но динамиката на работата и постигнувањето резултати ќе ја диктираме ние, подвлекува Ѓоргиев. 

Read Previous

Во завршна фаза новиот закон за помилување, Претседателот ќе може да помилува само за казна

Read Next

Кина санкционира седум тајвански високи претставници