Израелскиот амбасадор во Бугарија Јорам Елрон за време на комеморативната церемонија во Бургас рече дека нема зборови на сочувство за да се избрише болката на роднините на загинатите во нападот во 2012 година. Тој ги повика бугарските власти да го прогласат Хезболах за терористичка организација и да го вклучат во обвинението против извршителите на нападот, пренесе БНР.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Хезболах, според израелскиот амбасадор во Софија, го извршил нападот на аеродромот во Бургас „Сарафово“, а терористите дејствувале по негови инструкции. „Денес, на ова место, испраќаме порака дека тероризмот никогаш нема да надвладее“, изјави и тој во својот говор.
Поранешниот министер за внатрешни работи на Бугарија, Цветан Цветанов им се заблагодари на сите меѓународни специјални служби кои и помогнаа на неговата земја да ја открие поврзаноста на организацијата Хезболах со нападот во Бургас.
Комеморативната церемонија заврши со религиозен ритуал на кој се изврши молитвата Кадиш. На крајот од церемонијата беа изведени химните на Бугарија и Израел.