ноември 24, 2024

АБЦ њуз: Рама ја почна битката за спас на Хашим Тачи, Албанија ќе носи резолуција против извештајот на Марти

Еден месец по осмата заедничка седница на владите на Албанија и на Косово, кога во Приштина албанскиот премиер Еди Рама, најави дека Тирана ќе започне кампања, која ќе ги вклучи Вашингтон, Париз, Берлин и други центри во светот, за да документира дека Ослободителната војска на Косово не била вклучена во трговија со органи, Социјалистичката партија на Албанија го презеде првиот чекор, јави АБЦ њуз.

-Овој политички субјект чиј лидер е Рама до Парламентот на Албанија достави Нацрт-Резолуција за неоснованоста на наводите за нелегална трговија со човечки органи на Косово и Албанија, со која Албанија ќе ги отфрли наводите за трговија со човечки органи, додава телевизијата.

Албанските владејачки социјалисти се убедени во поддршката од сите пратеници во законодавниот дом зашто оваа Предлог-резолуција е насочена кон “непоколебливата волја да и помогне на правдата и да го поддржи секој напор кој има за цел да се открие вистината”.

Во предлог-резолуцијата уште се наведува дека тврдењата на Дик Марти за трговија со органи остануваат неаргументирани, недокажани и неосновани, затоа, се нагласува “треба и да бидат разгледани од меѓународната заедница”.

-Собранието на Република Албанија констатира дека, по повеќе од десет години длабински истраги од страна на Специјалната истражна работна група на ЕУ и нејзиниот наследник, Канцеларијата на специјалниот обвинител, наводите изнесени во Извештајот на Дик Марти за убиства на луѓе заради вадење на нивните органи и илегална трговија во Албанија и на Косово вклучени во Резолуцијата 1782 (2011) остануваат неаргументирани, недокажани и незасновани на докази и факти и затоа треба како такви да се сметаат и од сите национални и меѓународни институции, стои во документот.

Албанскиот премиер Еди Рама, е голем пријател на поранешниот косовски  претседател Хашим Тачи. Тој на 10 мај беше во  посета  на Тачи,  кој е во притвор во Хаг, осомничен од Специјалното обвинителство за воени злосторства.

Read Previous

Објава на пораките од тајната служба за време на упадот во Капитолот 

Read Next

Владата на премиерот Џонсон го „преживеа“ гласањето за доверба