ноември 22, 2024

Бесими: Ребалансот има две цели – да ја задржи стабилноста и да ги поддржи економијата и граѓаните

Со предлог-ребалансот на Буџетот треба да се постигнат две основни цели. Прво, да се одржи макроекономската стабилност, што е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија. Второ, да се поддржи економијата за враќање во претпандемиското ниво, како и одржување на социјалната сигурност на граѓаните. Ова го посочи министерот за финансии Фамир Бесими во своето експозе на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Според него, цели кои треба да се постигнат со овој документ е таргетирана поддршка за граѓаните и фирмите за надминување на предизвиците кои ги донесоа новите светски кризи.

-Ова ќе се постигне преку антикризни мерки, раст на пензиите и минималната плата, раст на поддршката за социјалните категории и раст на субвенциите за земјоделците со цел да се поттикне домашното производство. Понатаму, реализација на амбициозна инвестициона агенда во инфраструктурата од над половина милијарда евра, со цел да се даде поддршка на економскиот раст, во услови на забавување на светската економија и фискална одржливост и зачувување на макроекономската стабилност, посочи во своето излагање министерот за финансии Бесими.

Со предлог- ребалансот на буџетот приходите се проектирани на 245,8 милијарди денари и тие се за околу 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции, додека расходите на ниво од 288,5 милијарди денари, или за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Тековните трансфери се планирани на ниво од 189,7 милијарди денари или за околу 19 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2022 година.

-Тука се планирани средства за антикризни мерки, но и други мерки за таргетирана поддршка за надминување на кризата. Би се осврнал на тоа зошто таргетирана поддршка. Ако првиот пакет на мерки беа општи со цел да успори инфлаторната спирала, следните мерки ќе бидат насочени повеќе кон одредени целни групи кои се најзасегнати од кризата и кои без тие мерки не би можеле да ги надминат овие ефекти. Ова е впрочем и препораката на меѓународните финансиски институции, како ММФ и Светска банка, но и на Европската унија – да се делува со мерките кон целни категории, рече Бесими.

Во ребалансот се предвидени 4,7 милијарди денари дополнителна финансиска поддршка за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи.

Исто така, предвидени се и дополнителни субвенции и трансфери за земјоделците, односно на првично планираните субвенции дополнителни 3,2 милијарди денари. Овие средства имаат за цел да ги стимулираат приносите и продуктивноста, за да се амортизираат на ценовните притисоци на основните прехрамбени производи,

Планирани се и повисоки трансфери до општините, пред сѐ поради раст на блок-дотациите за покачување на платите во градинките и во основните и средните училишта за 15%.

Со ребалансот се предвидуваат и средства за раст на пензиите согласно новата методологија според индексот на трошоците за живот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50 отсто. Планирани се и дополнителни 2,4 милијарди денари за корисниците на правото на гарантирана минимална помош.

Предвидени се средства за субвенции на придонеси за поддршка на работодавачите за раст на платите во приватниот сектор, вклучително и ефектот за субвенционирање на придонесите за минималната плата.

Расходите за исплата на платите се проектирани на ниво од 33,2 милијарди денари во чии рамки е содржан ефектот на усогласувањето на платите на вработените кај буџетските корисници со минималната плата од една страна и ефектите од контрола на новите вработувања и оптимизација на јавната администрација, од друга страна.

Собраниската комисија за финансирање и буџет, како матична комисија, денеска ја почна расправата по ребалансот на Буџетот.

Сојузот на синдикати на Македонија најави амандман со кој бара во ребалансот на Буџетот да бидат обезбедени пари за зголемување на платите во јавниот сектор за 2.806 денари во нето износ.

Read Previous

Столтенберг: Турската загриженост поради тероризмот е „легитимна“

Read Next

Ново поскапување, дизелот „скока“ за нови 3 денари, од вечерва на полноќ ќе се продава за 107,5 денари за литар