ноември 23, 2024

Продолжува собраниската комисиска расправа за избор на уставни судии

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да ја продолжи расправата за утврдувањето предлог за избор на судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Комисијата треба да се произнесе за уште осум предлог-судии. Досега е прифатен само предлогот за Фатмир Скендер за нов уставен судија.

Членовите на Комисијата треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, како и на Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени, како и Скендер, од владејачките партии, но и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и јавниот обвинител Војислав Димовски од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.

Уставниот суд во моментов, од предвидените девет, работи без четворица судии на кои им истече мандатот. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски. Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии. Предложени се девет кандидати.

Read Previous

Воен авион се урна во јужна Калифорнија

Read Next

Автобуската несреќа на „Беса Транс“ и пожарот во тетовската модуларна болница пред собраниската Постојана анкетна комисија