ноември 23, 2024

Ковачевски: Правиме се да го ублажиме ценовниот шок

Се наоѓаме во најголемата економска криза заедно со цела Европа после Втората светска војна. Таа економска криза почна минатата година со зголемувањето на цената на енергенсите со продолжениот ефект на корона кризата, меѓутоа и дополнително беше зголемена во невидени рамки со воениот напад на Русија врз Украина. Тоа предизвика дополнително зголемување на цените на енергенсите, дополнително нарушување на каналите на снабдување, дисбаланс на страната на понудата и дополнително зголемување на цените на храната и на суровините за производство особено во металопреработувачката индустрија и во земјоделската индустрија, истакна премиерот Димитар Ковачевски во одговор на прашање од пратеничката Даниела Колева од СДСМ.

Владата како одговор на оваа кризна ситуација, посочи, навремено подготви пакет мерки во вкупен износ од 615 милиони евра со цел да го ублажи ценовниот шок за зачувување на стандардот на граѓаните и за одржување на ликвидноста на компаниите.

– Дел од финансиските средства беа веќе предвидени со буџетот за 2022 година имајќи предвид дека имавме енергетска криза, меѓутоа дел беа направени во текот на 2022 година односно во мандатот на новата Влада со оглед на тоа дека најголемиот дел беа предизвикани од воената агресија на Русија врз Украина и пакетот од 26 мерки беа во износ од 400 милиони евра кои се однесуваа во еден дел во намалување на даночните и акцизните приходи за државата со цел намалување на цените на суровините и на финалните производи, вторниот дел преку директни финансиски трансфери до назагрозените граѓани во државата и третиот преку обезбедување финансиски средства за одржување на ликвидноста на компаниите во услови на зголемени цени на енергенси кои се дел од нивниот производствен и услужен процес, рече Ковачевски на собраниската седница за поставување пратенички прашања.

Преку овие мерки, појасни премиерот, се ублажи ценовниот шок од драстичните цени на енергенсите и на храната како последица на овие турбулентни движења.

– Доколку ги погледнеме сите споредби во регионот и пошироко Република Северна Македонија има најниски цени на енергенси и најниска цена на основни прехранбени производи споредено со сите. Поточно со антикризните мерки кои ги донесе Владата граѓаните имаат сметки кои за 4000 денари месечно се помали во однос на тоа што би биле без овие мерки и дополнително 35.000 граѓани од најранливите категории имаат 1.000 денари месечно повеќе за покривање на своите трошоци и дополнително со трошоците за енергетска сиромаштија дополнително уште средства за покривање на трошоци за покривање трошоци за електрична енергија, истакна Ковачевски.

Тој наброја дел од мерките и нивните ефекти и нагласи дека со мерката за намалување на повластената стапка на ДДВ за основните прехранбени производи за човечка исхрана од пет проценти на нула проценти од април до јуни годинава домаќинствата заштедуваат во просек околу 475 денари месечно. Потенцира дека станува збор за производи, како што се леб, шеќер, брашно, зејтин, млеко, месо, ориз и јајца и тие учествуваат со околу 27 проценти во просечната потрошувачка кошничка на македонските семејства односно на нив се трошат околу 9.500 денари согласно синдикалната минимална кошничка.

Со ова ослободување, појасни, таа сметка се намалува за 475 денари на месечно ниво, а за реализација на таа мерка беа потребни вкупни фискални импликации во износ од 428 милиони денари.

– Втората мерка која беше насочена токму кон цените на храната на основните производи беше и замрзнување на маржите на основните производи за исхрана за ублажување на ценовниот шок. Правиме се да го ублажиме ценовниот шок, најпрво ги замрзнавме цените, а подоцна го воведовме и ограничувањето на големопродажните и на малопродажните маржи и со овие мерки се спречи ценовен шок дополнително и што се обезбедија сите услови преку надлежните институции да не можат компаниите во делот на големопродажбата и во малопродажбата без никаква селективност да ја злоупотребуваат пазарната можност и да прават екстра профити во услови на криза, што беа сведоци сите граѓани и сите стопански комори немаа ниту една забелешка во однос на спроведувањето на овие мерки и во однос на спроведувањето на работата на сите институции кои треба да обезбедат спроведување на мерките, рече Ковачевски.

Со мерката за субвенционирање на најранливите категории граѓани за основни производи за исхрана и тоа по 1.000 денари за три месеци за 35.000 корисници, потенцира, фискалниот ефект е 105 милиони денари кој оди преку МТСП и со ова најдиректно се поддржуваат најранливите категории граѓани во државата.

– Воведовме и автономна мерка која е исклучително значајна за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји односно ги укинавме царинските давачки, царинските стапки за овие прозиводи и ги зголемивме квотите за увоз. Со тоа се обезбедија суровини да може прехранбената индустрија во државата да работи, а преку договорите кои ги имавме со најголемите извозници на суровини за храна, а тоа во нашиот случај е Република Србија и преку директните контакти со надлежните таму беа обезбедени и финалните производи и суровини кои беа договорени и на комерцијална основа се плаќаат од приватните компании во државава. Воведовме и автономна мерка за продолжување на повластената даночна стапка на ДДВ од пет проценти на прометот на електрична енергија кон домаќинствата до крајот на годинава кој требаше да важи до 1 јули со што домаќинствата заштедуваат околу 120 денари месечно само по овој основ, истакна Ковачевски.

Тој рече дека со таа мерка во перидот од јули до декември стапката на ДДВ за електрична енергија ќе биде пет проценти наместо десет проценти, а врз основа на податоците на ЕВН хоум дистрибутерот на електрична енергија до финалните резиденцијални купувачи и до малите потрошувачи просечно домаќинство по основ на оваа мерка ќе заштеди 150 денари месечни односно 900 денари за дадениот период. Фискалните импликации, како што појасни, изнесуваат 516 милиони денари.

– Веќе имаме препорака и се работат калкулациите за менување на методологијата за утврдување на цена на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија и таа ќе почне да се применува од 1 јули со што ефектите ќе бидат дополнително утврдени. Тие кои ги злоупотребуваат броилата регистрирани како броила за домаќинство за извршување деловна активност или за злоупотребување електрична енергија на пример за копање крипто валути тоа веќе нема да биде можно од 1 јули бидејќи ќе плаќаат повисоки цени на електрична енергија согласно нивната потрошувачка, рече Ковачевски.

Премиерот потенцира дека продолжуваат и со програмата за енергетска сиромаштија, што значи лица кои имаат ниски примања по основ на таа мерка добиваат годишно од 7.200 до 9.600 денари за покривање на трошоците за електрична енергија, што значи овие семејства добиваат месечно од 600 до 800 денари за покривање на нивните трошоци. Додаде дека во однос на пензионерите и оваа година ќе има историски најголем раст на пензиите со двете усогласувања.

Read Previous

Ковачевски: ВМРО- ДПМНЕ е наследник на Ванчо Михајлов, го прифаќа и се гордее со него

Read Next

Бочварски: Приоритет се капиталните проекти, на терен се работи со силно темпо