Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ја надомести, а одговорен за оваа непоправлива загуба е Синдикатот и тоа никој не може да го оспори, велат од Владата.
Од таму ги повикуваат наставниците, воспитувачите и негoвателите најдобриот интерес на децата да го стават пред своите лични интереси, враќајќи ја наставата и прифаќањето и згрижувањето на децата во училиштата и градинките.
-Истовремено најдобронамерно информираме дека со одлуката на СОНК за организирање на генерален штрајк пред истекот на шестмесечниот рок за усогласување на минималната плата, а за кој причината е унапредување, а не кршење на работничките е груба манипулација ставање во заблуда на штрајкувачите.
Согласно Законот за работни односи и Колективните договори за основно и средно образование, и за вработените јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, доколку се организира штрајк во периодот на усогласување на минималната плата, тој се смета дека се однесува на унапредување на правата на вработените кои штрајкуваат. Поради тоа законското решение и решението согласно колективниот договор определува исплата само на придонесите на платите.
Синдикатот, наставниците, воспитувачите и негователите треба да имаат верба во институциите, бидејќи како и претходно зголемување на платите и во образование и детска заштита ќе има, како што имаше и во изминатите 5 години. Сега е понудено зголемување за 10 % кои ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот. Тоа значи дека наставниците и воспитувачите ќе добијат просечно зголемување за 2.500 денари на нивните месечни примања. Понудена е и методологија со која Владата ќе обезбеди континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование.
Претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 %. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874. На воспитувачите пак во градинките платата им е зголемена за околу 6.400 денари плус минат труд, додека на негователите за околу 5.000 денари.
Владата смета дека е неодговорно и покрај понуденото решение за раст на платите во образованието и детската заштита и воспитание да се продолжи со штрајкот и да се руши веќе воспоставениот образовен процес во услови кога се соочуваме со економска, социјална и здравствена криза. Најдобриот интерес на децата треба да ни е на прво место, бидејќи правото на образование на секое дете е уставно загарантирано право. Учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат, се вели во соопштението на Владата.