ноември 22, 2024

Продолжува штрајкот, но и преговорите за повисоки плати во образованието, СОНК чека понуда

Штрајкот во образованието продолжува и во наредните денови, а продолжуваат и преговорите на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) со Министерството за образование и  наука (МОН). Членовите на СОНК во училиштата и детските градинки од понеделникот се во штрајк, поради барањето за зголемување на платите.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков изјави дека очекуваат до вечерва односно утре до 12 часот да имаат понуда за да можат да ја дистрибуираат, да соберат повратни информации и евентуално Советот на СОНК да донесе одлука и да има време да се објави дека од понеделник ќе продолжи наставата или, како што рече, ќе кажат дека нема решение и Советот не ќе може да ја смени одлуката затоа што членството не ја прифаќа понудата и ќе мора да продолжи штрајкот.

Тој апелира што побрзо да се дојде до решение и да се врати нормалниот тек во училиштата и во градинките.

На прашањето која е црвената линија што членството односно СОНК може да си ја дозволи за да може штрајкот да сопре, Неделков нагласи дека не разговарале за црвена линија меѓутоа тоа не значи, подвлече, дека под 18,4 проценти нема ништо да прифатат.

– Колку ќе прифатиме, многу зависи од тоа колку ќе ни понудат. Ако биде симболично, тоа членството ќе го препознае и ќе сфати дека тоа е несериозен предлог, рече меѓу другото претседателот на СОНК синоќа во дневникот на Сител.

Неделков повтори дека продолжуваат преговорите со МОН, а за прекин на штрајкот и почеток на наставата, треба да одлучи членството само врз основа на конкретен предлог што би го прифатиле мнозинството од членовите на Синдикатот.

Синдикатот бара платите на вработените веднаш да бидат зголемени за 18,4 отсто согласно со порастот на минималната плата која од овој месец е 18.000 денари и, дополнително, таа да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

Линеарното зголемување на платите на национално ниво што го предлага Сојузот на синдикати, за СОНК, како што рече Неделков, е неприфатлив и паушален предлог.

Претседателот на СОНК изрази оптимизам вчера пред средбата со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на која се разговарало на повеќе теми за образовниот систем и за зголемување на платите, а по средбата информира дека не добиле конкретно ветување за висината на процентот за зголемени плати.

Министерот Шаќири на средбата истакнал дека се подготвени да го продолжат дијалогот, но без условувања и нереални барања, кои само ги отежнуваат преговорите.

Read Previous

Наместо во Авганистан САД ќе испорачаат хеликоптери на Украина

Read Next

Експлозија на „Москва“, најважниот воен брод на руската црноморска флота