Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска го почнува штрајкот во сите установи на национално ниво во дејностите детска заштита – градинки и во основните и средните училишта, со неизвршување на работните задачи на работното место, што според најавите ќе трае се додека не се изнајде соодветно прифатливо решение за двете страни. Од министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика, пак, посочуваат дека и во услови на штрајк училиштата и градинките мора да ја вршат својата дејност – згрижување и воспитание на децата и организирање на воспитно-образовниот процес.
Како што најави вчера претседателот на СОНК, Јаким Неделков на прес-конференција, штрајкот ќе се одвива со неизвршување на работните задачи на работното место, односно штрајкувачите ќе бидат сместени во простории кои заеднички ќе ги договорат со директорите на установите и нема да ги извршуваат своите воспитно-образовни и згрижувачки дејности.
– Штрајкот ќе трае се додека не се изнајде соодветно прифатливо решение за двете страни. Затоа апелирам до Владата што побрзо да не повика на разговори и што побрзо да најдеме взаемно прифатливо решение и да почне редовната настава. Во спротивно целата одговорност зошто учениците немаат основно загарантирано право на образование ќе падне на ресорните министерства и на Владата, рече Неделков.
Тој нагласи дека СОНК нема да ги затвори училиштата и градинките, но нема да изведува воспитно-образовна и згрижувачка дејност и ќе биде во штрајк, а одговорност за обезбедување минимум услови за функционирање на установите, како и за прифаќање на децата, како што кажа, ќе имаат директорите.
– Никој нема право да ги присилува штрајкувачите да прифаќаат, да згрижуваат и да воспитуваат деца. Без разлика дали некој поединечно гласал за или против поддршка на штрајкот, секој мора да штрајкува. Секој обид за оневозможување на штрајкот е сериозен прекршок кој е казнив по домашните закони. Немаме никаква одговорноста ако децата дојдат на училиште или во градинка врз основа на згрижување, воспитание, образование и храна. Ние ќе бидеме во посебни простории. За таа намена можат да се употребат вработени кои евентуално нема да штрајкуваат по разни основи, појасни Неделков.
Тој истакна дека не може да предвиди до кога ќе трае штрајкот и кога евентуално Советот на СОНК ќе донесе одлука за негов прекин или за евентуално ставање во мирување. Очекува, како што кажа, во текот на денов или најдоцна до утре да има средба со одговорните, со цел штрајкот на СОНК да не прерасне во многу поголем и масовен штрајк во државата, бидејќи, поред него, и другите грански синдикати најавуваат порадикални мерки.
Министерството за образование и наука (МОН) вчера порача дека основните и средните училишта и во услови на штрајкот на СОНК ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно-образовен процес.
– Правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година. Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности, како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, прецизира од МОН во соопштение до медиумите.
Од таму потсетија дека училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно-образовниот процес и да овозможат „продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи, каде што впрочем им е местото“.