За жал, нема голем напредок од средбата на заедничката македонско-бугарска историска комисија. Направен е еден оптимистички чекор напред во однос на она што се случуваше во претходните години и тоа беше на претходната средба, вели копретседателот на Комисијата до бугарска страна, Ангел Димитров.
„Нашата прва средба оваа година во Софија се совпадна со првите два дена од руската агресија врз Украина и тогаш не беше толку јасно што сме постигнале, но тоа не е толку импресивно. Тоа беше заеднички став до кој дојдовме по неколку мачни години, во една препорака како да се отслика времето на цар Самуил и неговата земја во учебниците на РС Македонија. Акцентот е на тоа дека учебниците треба да се усогласат со доминантниот став во светското средновековие, што се совпаѓа со нашето бугарско толкување на овој историски период. Сепак, тоа не значи ништо. Ова е само предлог до Владата, а кога ќе се спроведе никој не може да каже. Се работи за некој иден период, може да бидат 2-3, но и 10 години“, изјави Димитров за БНТ.
Според него, „последната средба го олади донекаде ентузијазмот“.
„Првиот ден од средбата постигнавме согласност за богомилството, кое што и не е толку голем проблем од аспект на разликите меѓу двете држави. Но, на вториот ден кога требаше да разговараме за суштинската тема-важното прашање за Охридската архиепископија се вративме на зацврстување на позицијата од страна нашите колеги.
За Охридската архиепископија, како и за крајот на првото бугарско кралство и цар Самоил има доволно документи. За Охридската архиепископија има исклучително важни документи кои објаснуваат како и зошто треба да се организира оваа црковна институција. И тука почна враќањето кон една, не особено добра практика од страна на нашите колеги“, вели Димитров.
Тој додаде и дека од бугарска страна нема никаков политички притисок врз комисијата.
„Кога се распадна комунистичкиот систем, ослободената енергија не беше насочена само кон иднината, туку во извесна смисла и кон минатото, за да се утврди оваа прекината врска помеѓу оваа интерпретација, идеолошки насочена интерпретација од комунистичкиот режим“, рече Димитров.
Според него, Република Северна Македонија е типичен пример дека таму сè уште не се случила таа критичка анализа на врската меѓу историјата и политиката.
„Доволно е да се потсетиме дека кога таму беше воспоставена комунистичката власт, немаше професионални историчари, немаше историска наука. Тогаш е создадена една историска рамка на која се работи, но не се излегува од политичката рамка. Ова е исклучително важно прашање затоа што во другите демократски држави од источниот блок сето ова се случи. Во демократските општества, историчарите можат да им се спротивстават на политичарите и можат да бидат независни и да работат критички“, додаде Димитров.