ноември 23, 2024

Преживеаните ловат кучиња скитници за да се прехранат, градот наликува на место од страшен хорор филм, тоа е Мариупол

Во Мариупол, град под опсада, сцена на најжестоките борби во текот на трите недели од руската војна против Украина, луѓето сега се толку гладни што убиваат кучиња скитници за храна.

Дмитро, бизнисмен што го напуштил градот минатиот вторник, изјави за Фајненшл тајмс дека неговите пријатели му рекле дека последниве денови го прават тоа, откако останале без залихи со храна. „Ги слушате тие зборови, но едноставно е невозможно да поверувате дека тоа се случува“, рече тој. „Тоа е пекол на земјата“.

Некогаш едно од најважните украински пристаништа, Мариупол сега е пепелиште, град на духови. Повеќе од две недели градот е цел на руски бомбардирања со таков интензитет што цели населби се претворени во урнатини.

По неколкудневните артилериски и воздушни напади, кои ги пробија трите одбранбени линии на Мариупол, руските војници сега влегоа во центарот на градот, а на некои од главните улици и плоштади се водат жестоки борби.

Руските сили веќе контролираат голем дел на истокот од градот, изјави за ФТ Ана Романенко, украинска новинарка што е во близок контакт со тамошните украински сили. „Линијата на фронтот сега минува токму низ Мариупол“, рекла таа.

Дмитро, кој одбил да го каже своето презиме, е еден од жителите на Мариупол со кои ФТ контактирал телефонски откако минатата недела биле евакуирани во украинскиот град Запорожје, околу 230 километри на запад. Сите тие рекле дека нападите биле толку брутални што целиот град бил уништен, огромен број цивили биле убиени, додека преживеаните ќе ги носат лузните до крајот на својот живот.

Микола Осиченко, извршниот директор на телевизијата Мариупол, изјави дека од последните три недели најмногу ќе се сеќава на чувството на екстремна беспомошност. „Кога бомбите паѓаа, јас секогаш го покривав син ми со моето тело“, рече тој. „Но знаев дека реално не можам да го заштитам, тоа беше чин на очај“.

Стратегиски лоциран на брегот на Азовско Море, портата кон Црно Море, Мариупол е на рускиот нишан од почетокот на војната. По само неколку дена, руските сили почнаа ракетни напади врз градот, прекинувајќи го снабдувањето со електрична енергија, гас и вода, оставајќи 400.000 жители да се кријат во темни и студени засолништа.

Властите во Мариупол тврдат дека од почетокот на руската инвазија загинале 2.400 жители на градот.

Преживеаните ги опишуваат очајните напори да се складира храна додека околу нив паѓаат бомби. Дмитро изјавил за ФТ дека минатата недела отишол на централниот пазар откако бил срамнет со земја во руски артилериски напад.

„Сѐ гореше, телата на жртвите беа насекаде, јас само чекорев и купив зелка и моркови од улица, знаејќи дека тоа значи дека моето семејство може да преживее уште еден ден или два“, рече тој. „Сите ваши чувства се отрпнати“.

Read Previous

Авион со 133 патници се урна во Кина

Read Next

Направени 611 контроли, 114 фирми не ја почитувале одлуката за НУЛА посто ДДВ, најмногу Тетово, Скопје, Струга, Прилеп…