Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека на неговата земја и треба „оружје и санкции од Западот, а Украина ќе го стори останатото“.
„Постојат многу фактори кои прават разлика во позицијата на Русија во преговорите, првиот е жестокиот отпор на украинската армија и украинскиот народ на теренот; вториот се санкциите наметнати на Русија, санкциите кои предизвикуваат пад на руската економија“, изјави Кулеба за Си-Ен-Ен.
Тој додаде дека „континуираниот отпор и санкциите ја принудија Русија малку да го промени својот став“.
„Позицијата на Русија во преговорите станува поинаква, но тоа не би можел да го наречам драматична или сериозна промена на позицијата. Но, во овие околности, секоја промена на руската позиција е конструктивна. Тие првично бараа еднострано предавање на Украина и тоа не е прифатливо… Но, морам да бидам јасен, и руската и украинската делегација се далеку од постигнување договор за актуелната ситуација“, рече Кулеба.
Запрашан за неговиот руски колега Сергеј Лавров и неговата реторика за „деназификација“ на Украина, Кулеба рече: „Слушајте, Русија никогаш, никогаш немЍ да признае дека направила отстапка или дека сфатила дека целите што си ги постави не се остварливи. Секогаш јавно ќе кажува дека се е во ред, се оди според планот и тоа е токму тоа го сакавме. Што и да рече министерот Лавров на прес-конференцијата, јас знам две работи: ако Украина добие доволно оружје за одбрана, ако притисокот на санкциите продолжи, Русија ќе направи сериозни отстапки“.
Кулеба повика на претпазливост при читањето руски пораки. „Треба да се разберат две работи и ќе ги повторам бидејќи се клучни: оружје и санкции, а Украина ќе го стори останатото“, истакна Кулеба.