ноември 23, 2024

Санкциите против Русија се „меч со две острици“, смета Орбан

Унгарија ги поддржа санкциите на Европската унија против Русија, но нејзината сопствена економија неизбежно ќе биде погодена од нив, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан за националното радио, пренесува Ројтерс.

„Санкциите имаат цена бидејќи тоа е ‘меч со две острици’ и таа цена ќе ја платиме на краток рок“, рече Орбан во интервјуто додавајќи дека Владата во Будимпешта мора да работи на ублажување на директната штета од мерките против Русија.

Тој оцени дека првиот удар за унгарската економија е затворањето на Сбербанк во Европа на почетокот на оваа недела, при што многу клиенти, вклучително и компании, загубија пари.

„Ова е само почеток на оваа кризата“, додаде тој.

Народната банка на Унгарија ја одзеде дозволата за работа на руската главна банка Сбербанк откако Европската централна банка нареди затворање на нејзината европска матична компанија. Депозитите на клиентите во вредност до 100 000 евра ќе бидат вратени од Националниот фонд за осигурување на депозити.

Орбан, исто така, рече оти зголемувањето на цените на енергијата ширум Европа ќе поттикне дополнителни инфлациски притисоци што Централната банка и владата ќе мора да ги издржат.

Во врска со украинските бегалци, тој истакна дека Унгарија може да им понуди сместување и да ги плати трошоците за три месеци, колку што добиваат невработените кои бараат работа во Унгарија.

„Потоа би морале да се вработат и некако да се вклопат во животот во Унгарија“, заклучи Орбан.

Read Previous

Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ да кажат став, во коалиција се со Левица која отворено ја поддржува руската агресија

Read Next

Арсовски: Кога ќе дојдеме на власт ќе го вратиме Фрчкоски од Њујорк