За да се подигне имунитетот на популацијата, што би било основа и за натамошно релаксирање на мерките, почнува кампања за вакцинирање на луѓето од ризичните групи. Комисијата за заразни болести вчера информираше дека ним ќе им бидат закажани термини доколку не се целосно вакцинарани или немаат примено засилувачка (бустер) доза.
Ризичните групи граѓани – лицата над 65 години со коморбидитети или помлади од 65 со повеќе коморбидитети, со СМС-порака ќе бидат известени дека во одреден термин треба да го посетат пунктот за да бидат вакцинирани.
Според податоците добиени од „Мој термин“, во ризична група спаѓаат 260 000 граѓани. Половината од нив, како што информираше вчера Комисијата, или примиле една доза или не примиле ниту една, а другата половина, односно 130 000, немаат примено бустер доза.
Од Комисијата за заразни болести вчера соопштија дека фокусот ќе биде на вакцинирање на ризичните групи зашто основа за релаксирање на мерките е, пред сѐ, вакцинацијата, која кај нас е на многу ниско ниво – целосно е вакцинирано 41 процент од населението.
Серолошката анализа на 920 примероци покажала дека има солиден имунитет врз основа на вакцинација, според првичните податоци од истражувањето за имунитетот на населението што го спроведе Комисијата.
– Над 85 отсто од вакцинираните индивидуи имаат некаков имунитет кон КОВИД-19. Не можеме да зборуваме за ефикасноста, но можеме да го детектираме дека постои. Од тие 920, околу 170 индивидуи беа невакцинирани и кај нив се сретнува над 70 проценти серопозитивност, односно и таму имаме солиден просек на имунитет, информираше вчера д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Параметрите од скринингот и колку тие реално би можеле да бидат применети за олабавување на рестрикциите, рече тој на прес-конференција, ќе ги разгледуваат на следниот состанок на Комисијата.
На вчерашниот состанок Комисијата препорача укинување на сертификатите кои се задолжителни за влез во моловите, односно онаму каде што не е задолжително носење маски.
– Донесовме еден заклучок, а тоа е да се препорача укинување на сертификатите задолжителни за присуство на моловите, односно каде не е задолжително носење маски. Ова е еден чекор во насока на олеснување на рестрикциите, но секако за следниот развој ќе бидеме многу внимателни, бидејќи не сакаме со нагло отфрлање на сите мерки да постигнеме неочекувани резултати, рече Петличковски.
На состанокот вчера не било дискутирано за укинување на мерката носење заштитни маски во училиштата. Според портпаролот на Комсијата, д-р Злате Мехмедовиќ, скринингот во училиштата покажал дека состојбата е стабилна и би имало потреба од нов скрининг доколку се укине мерката.
–Скринингот покажа дека 0,8 проценти е трансмисијата помеѓу оние ученици коишто се избрани по случаен избор. Не е направен скрининг без маски во училиште. Ако се случи укинување на маските, тогаш би требало да направиме веројатно нов скрининг и да се следи ситуацијата каква би била трансмисија на вирусот доколку имаме такви нови околности, рече Мехмедовиќ.
Препораката на Комисијата за заразни болести од претходниот состанок – да биде продолжена важноста на сертификатот за прележаност на КОВИД-19 од 45 на 180 дена, не била разгледувана на вчерашната седница на Владата.
Владиниот портпарол Муамет Хоџа на прес-конференција рече дека на седницата не се расправало за тоа бидејќи препораките и предлозите од Комисијата за заразни болести треба прво да се разгледаат на Оперативниот кризен главен штаб кој треба да заседава во наредните денови. Во вчерашната КОВИД-статистика беа регистрирани 457 новозаразени од 2730 тестови, од нив 74 се реинфекции. Починаа шест лица во последните 24 часа, а 447 се оздравени. Активни случи во земјава има 3252, од кои 1773 се во Скопје. Над сто активни случаи имаат Битола – 177, Прилеп – 153, Куманово – 143, Велес – 136 и Кавадарци – 128.