Најмалку 413 лица се уапсени вчера во Русија за време на протестите против војната во Украина, објави веб-страницата за граѓански права ОВД-Инфо, со што вкупниот број на уапсени од почетокот на демонстрациите во четвртокот достигна 6.440.
Приближно половина од уапсените, 3.126, се случиле за време на протестите во Москва, додека 2.084 апсења биле во Санкт Петербург, објави синоќа ОВД-Инфо.
Инвазијата на Украина принуди многумина во Русија да протестираат, а руските безбедносни сили брутално одговорија на протестите. Руските власти ги повикуваат луѓето да не учествуваат во нелегални собири. Тие, исто така, постојано забрануваат собири, наведувајќи ја како причина пандемијата на коронавирус.
Антивоени протести се одржуваат и во Белорусија.
Во Брисел, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, ги пофали демонстрантите во Белорусија кои повикаа на подемократски пристап под долгогодишниот лидер Александар Лукашенко во знак на протест против војната во Украина.
„За белорускиот народ, многумина од вас презедоа огромни лични ризици во борбата за слободна и демократска Белорусија“, рече Борел во видеото објавено на Твитер и титлувано на три јазици – белоруски, руски и англиски. „Сега го кревате гласот против руската војна против Украина и одлуката на (претседателот) Лукашенко да ја поддржи. Ви благодариме за вашата храброст. ЕУ стои до вас. #StandWithUkraine“, напиша Борел.