Бугарскиот претседател Румен Радев со указ за нов судија во Уставниот суд на земјава го именува актуелниот министер за правда Јанаки Стоилов, а како што јавува дописникот на МИА од Софија, на негово место, за нов министер за правда доаѓа Иван Демерџиев.
Стоилов беше пратеник во бугарското Народно собрание на Бугарија повеќе од 20 години, негов заменик претседател и шеф на парламентарната комисија за правда. Учествуваше и во креирањето на новиот бугарски Устав, во периодот 1990-1992 година, непосредно по соборувањето на комунистичкиот диктатор Тодор Живков. Стоилов, во двете бугарски преодни влади на премиерот Стефан Јанев, беше министер за правда. Во овој период пред Врховниот судски совет на Бугарија го покрена прашањето за смена на главниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев, како и поведе инспекциска постапка во Министерството за правда за стекнување бугарско државјанство од Бугари во странство поради обвиненија за корупција.