Премиерот Зоран Заев упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, како што напиша на својата Фејсбук страница, денот кога во 1893 година беше основана Македонската револуционерна организација.
– Како припадници на денешните генерации, со гордост се сеќаваме на македонските револуционери и на прогресивната интелигенција, собрани околу Македонската револуционерна организација, која ја понесе борбата за вековниот идеал на македонскиот народ, за создавање на сопствена држава – држава на слобода, правда, еднаквост, независност, објави Заев.
Нашата борба, додава премиерот секогаш била само да се биде свој на своето – стремеж за држава на сите и за сите. Храброста и одлучноста на сите на кои денес им оддаваме почит имаше своја прва кулминација со Илинденското востание со што беше поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност, а нивната саможртва одекна надалеку меѓу народите во слободољубивиот свет.– Континуитетот на македонската револуционерна борба не стивна и растеше сѐ до АСНОМ 1944 година, кога беше создадена македонската држава. Денес, во годината кога одбележуваме 80 години од народното востание и 30 години од независноста, со цивилизациското наследство кое ни го остави македонската револуционерна борба, ги отфрламе политиките на поделбите и водени од желба за подобар живот и благосостојба, ги повикуваме сите чесни и добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, да се обединиме околу создавањето на едно прогресивно и праведно општество за сите, напиша Заев.
Како што борбата на македонските револуционери секогаш беше свртена кон иднината, додава тој во својата објава, така и денес ја водиме нашата суверена држава во сегашност и иднина во силен сојуз со демократскиот и прогресивен свет потврден со членството во НАТО и со одлучни чекори за членство во Европската Унија.
– Нека е честит Денот на македонската револуционерна борба!, истакна Заев.