Управата за јавни приходи (УЈП) започна со проверки на податоците добиени од банките за парите што граѓаните ги примиле од странство во текот на 2021 година.
За таа цел, институцијата испратила индивидуални известувања до резидентите на Македонија за кои има податоци дека оствариле приходи од странство.
Во известувањата, граѓаните се повикуваат во утврдениот рок да ги исполнат даночните обврски предвидени со закон.
Од УЈП информираат дека граѓаните повеќепати преку медиумите биле известувани за обврските што се однесуваат на претходните години. Доколку тие не се исполнат доброволно, институцијата најавува законски мерки за утврдување на данокот.
Сепак, од УЈП појаснуваат дека не секоја сума примена од странство подлежи на оданочување во Македонија.
Обврската за пријавување се однесува на приходите што се оданочуваат согласно Законот за данокот на личен доход. Во оваа категорија спаѓаат платите, хонорарите, приходите од фриленсерски услуги, закупнините, добивките од продажба на имот и криптовалути, дивидендите, каматите, приходите од авторски права и добивките од игри на среќа.
Од друга страна, парите примени како подарок, семејна помош или заем, како и средствата испратени преку сервиси како Western Union, Ria и MoneyGram, не се оданочуваат автоматски само затоа што пристигнуваат од странство.
Даночниот третман зависи од основата за трансферот и од тоа дали средствата претставуваат оданочлив приход согласно законот. Кога е потребно, граѓаните треба да поседуваат докази со кои се потврдува основата за приемот на парите.
УЈП ги повикува граѓаните што примиле средства од странство да проверат дали имаат даночна обврска и, доколку е потребно, електронски да поднесат пресметка на аконтацијата на данокот на личен доход преку системот е-ПДД.
Исто така, потребно е да го платат утврдениот данок за да избегнат можни прекршочни или даночни постапки.


