Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека наскоро ќе биде потпишан нов колективен договор за вработените во Армијата и Министерството за одбрана, со кој се предвидува и зголемување на платите.
На заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставниците на синдикатите, Мисајловски информираше дека преговорите се во завршна фаза, а на последната средба се разговарало за измени и подобрувања на околу 20 одредби од колективниот договор.
Иако постојат различни ставови за одредени прашања, министерот очекува да биде постигнат заеднички договор, имајќи ги предвид и финансиските можности на институцијата.
Мисајловски соопшти дека веќе разговарал со министерката за финансии и дека се договорени дополнителни средства за повисоки плати. За таа цел ќе биде потребно и усогласување на буџетот.
Тој се осврна и на судските постапки што произлегуваат од претходното непочитување на правата на вработените. Според неговите податоци, во изминатите две години од буџетот биле исплатени повеќе од 26 милиони евра по основ на тужби.
Министерот нагласи дека со доследното спроведување на колективниот договор се очекува постепено намалување на судските спорови и дополнителните трошоци за државата.
Покрај зголемувањето на платите, Мисајловски најави и поголем буџет за одбраната во следната година, со нови капитални инвестиции и модернизација на воената инфраструктура.
Планирани се градежни зафати во Домот на АРМ, изградба и обновување објекти во касарните, како и набавка на нови борбени униформи. Дополнителни средства ќе бидат издвоени и за модернизацијата во рамките на НАТО.


