Бројот на регистрирани случаи на западнонилска треска во Македонија достигна 58, а досега се пријавени и осум смртни случаи, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје.
Од вкупно 58 заболени, 54 се лабораториски потврдени случаи, додека четири се водат како веројатни.
Само во периодот од 2 до 8 септември се регистрирани два нови случаи – еден во Скопје и еден во Свети Николе. Во истиот период се пријавени и два нови смртни исходи, и двата од Скопје.
Сите осум починати лица биле мажи од Скопје, со просечна возраст од 71,9 години. Сите биле хоспитализирани, а кај седум од нив биле присутни коморбидитети.
И кај вкупниот број заболени преовладуваат мажите – 46 случаи се кај лица од машки пол, додека 12 се жени.
Според местото на живеење, најголем дел од случаите се регистрирани во Скопје – 55. По еден случај има во Велес, Куманово и Свети Николе.
Од вкупниот број, 57 случаи се автохтони, додека еден пациент има историја на патување во Грција, но инкубацискиот период опфаќа и престој во Македонија.
Западнонилската треска за првпат е регистрирана во Македонија во 2011 година. Од тогаш до крајот на 2025 година биле евидентирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи, а пет лица починале како последица на болеста.
Податоците за 2026 година покажуваат значително зголемување и на бројот на заболени и на смртните случаи во споредба со претходните години.


